Долговите ќе застаруваат и казнените камати нема да се трупаат бесконечно дури по изборите

На долговите на граѓаните и фирмите направени од денеска па натаму договорната камата ќе може да расте само до висината на главниот долг. Во Собранието во подготовка се нови измени на Законот за облигациони односи со кои ова ќе се однесува и на казнената камата, а исто така ќе се предвиди и застарување на долг

508

Со нови измени на Законот за облигациони односи што се подготвуваат во Собранието граѓаните треба навистина да се ослободат од должничкото ропство.

Денеска стапуваат во сила дополнувањата на тој Закон донесени во втората половина на минатиот месец со кои договорната камата на долговите за струја, вода, парно, кон банките и други престанува да тече кога ќе ја достигне висината на главните долг.

Предлагач на оваа новина што ја изгласаа речиси сите пратеници беше пратеничката група на СДСМ, а како што вели за весникот ВЕЧЕР нејзиниот координатор Јован Митревски, сега подготвуваат нови измени со кои ќе се опфати и казнената камата, а ќе се предвиди и рок во кој ќе застарува долгот.

-Претходните измени се објавени во Службен весник и од денеска се во примена. Новите што ги подготвуваме освен договорната ќе ја опфатат и казнената камата. Исто така, ќе се предвиди и рок за застарување на долгот. Треба да се направат уште неколку консултации со синдикатите, извршителите и други, изјави Митревски за весникот ВЕЧЕР.

Тој појасни дека според сегашното решение во Законот за облигациони односи долгот застарува ако не дојде кај извршител во рок од 10 години. Се предлага тој рок да се скрати.

-Сè уште не е дефинирано во кој рок би застарувал долгот. Ние предлагаме застарување во рок од пет, наместо сегашните 10 години. Но, околу тоа треба уште да се консултираме со извршителите, вели Митревски.

Тој појаснува дека намерата била овие измени да се донесат уште пред да почне изборната кампања. Но, не успеале да го реализираат тој план, па сега ќе се чека Собранието да почне со редовна работа откако ќе завршат изборите.
-Се надевам дека новите измени што ги предлагаме ќе се најдат на дневен ред уште на првата седница по изборите, кога парламентот ќе почне да работи, посочува Митревски.

Инаку, донесените измени на Законот за облигациони односи со кои престанува да се пресметува договорната камата кога ќе ја достигне главнината на долговите направени од денеска па натаму, беа под силни критики од граѓаните, синдикатите, експертите, извршителите. Дел од синдикалците реагираа за тоа што не се опфатени долговите направени до сега, кои често се оптоварени со три и повеќе пати повисока камата од главнината.

Тие исто така побараа да се воведе застарување на долгот, зашто, како што посочуваат, треба да го има кога веќе во нашите закони постои застарување на кривично дело. Извршителите, пак, посочија дека договорната камата всушност речиси и да ја нема во предметите кои доаѓаат до нив, па нејзиното ограничување не е големо олеснување за должниците. Од тие причини најавени се нови измени со кои ќе се предвиди кога ќе го достигне главниот долг да престане да се пресметува и казнената камата, која се смета за „поопасна“ од договорната. Но, и со овие измени граѓаните и фирмите не би се спасиле од старите долгови, зашто, како што посочуваат експертите, законот е може да се применува ретроактивно.

Освен што сè уште остануваат во должничко ропство, граѓаните ќе останат без уште една придобивка што ќе им го олесни животот, а која исто така требаше да стартува од денеска. Неделата што доаѓа требаше да биде првата неработна недела за повеќе од 90 проценти од вработените во државата. Неделата-ден за одмор, како што е опишана со измените на законите за работни односи и за трговија не може да стартува во предвидениот рок, 1 октомври, поради блокади во Собранието.

Измените на Законот за трговија добија виза од Комисијата за европски прашања, додека пак измените на Законот за работни односи со кои се поставуваат главните правила за неработење во недела заглавија во матичната Комисија за труд и социјална политика. Овие измени со кои се предвидува во недела да се работи само во четириесетина дејности со дневница повисока за 50 проценти, како и во моловите и тоа во една смена од 10 до 18 часот за двојно поголема дневница, ќе чекаат прво да завршат изборите, а потоа, пратениците да се орасположат да ги гласаат. Во меѓувреме, со амандман или на друг начин ќе мора да се смени и датумот на примена, кој сега е 1 октомври.

(С.В.)