Документарец за медарката која ги повикува дивите пчели со песна: “Медена земја“ со премиера на “Санденс“

510

“Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на ‘Санденс’, најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, кој е на ниво со Берлин, Кан, Венеција“, посочи продуцентот Атанас Георгиев, кој воедно е и монтажер на филмот

Македонскиот документарен филм “Медена земја“ (Honeyland) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, светска премиера ќе има на 28 јануари во рамки на 38. филмски фестивал “Санденс“, што годинава ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД. “Медена земја“ ќе се прикаже во официјална конкуренција на фестивалот, во категорија со уште 11 документарци од целиот свет. По неговото премиерно прикажување, тој ќе има уште шест проекции на “Санденс“, кој е наменет за остварувања од независната продукција, а инаку воспоставен од познатиот американски актер Роберт Редфорд.

“Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција да влезе во конкуренција на ‘Санденс’, најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, кој е на ниво со Берлин, Кан, Венеција“, посочи на денешната прес-конеференција во МКЦ продуцентот Атанас Георгиев, кој воедно е и монтажер на филмот. Тој истакна дека филмот има добиено повеќе понуди за учество на бројни фестивали во светот, а веќе има и ангажирано два дистрибутера од САД и од Берлин.

“Во тригодишната работа на филмот успеавме да доловиме живот, раѓање и живот и смрт. Меѓутоа во целата таа повеќеслојност на филмот, главната порака на овој филм ја дава принципот на главната хероина Атиџе на еднакво делење со пчелите на тоа што таа го искористува од природата, и од дивите пчели. На тој начин таа не само што им обезбедува егзистенција на тие од кои го зема својот ресурс (медот) туку и си осигурува храна“, рече режисерот Љубо Стефанов.

Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. За Љума, снимањето било прекрасно искуство кое ќе го памети, посебно и заради локацијата на снимање. “Едно нешто што жалам е што не можам да јадам мед, а бев соочен да бидам во присуство на можеби најдобриот мед. Онаму каде што живее Атиџе е само по себе искуство, тоа е во срцето на Македонија, а условите беа многу интересни. Има сцена која ни се случи пред очите, кога Атиџе со песна ја повикува матицата и таа не знам како влегува во кошницата“, ни откри снимателот Љума посочувајќи дека немале заштитна облека за работа со пчели за време на снимањето, а во една прилика, заради температура, работеле и полуоблечени.

Зад музиката на документарецот (кој е во траење од 85 минути), стои групата “Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од “ДБ Студиос“ од Бејрут. Филмот, во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија -проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), координиран од “Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на РМ. Неговото снимање започнало во 2015, а лани ја освоил наградата за „Најдобро дело во развој“ на 23. Сараевски фестивал.

“Идејата се роди за време на теренските истражувања во степоликото подрачје на долниот дел на Брегалница, кој изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет, а филмот го промовира одржливото користење на природните ресурси и треба да го олесни процесот на прогласување на заштитени подрачја во Македонија“, истакна Марјана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата во Македонија.

За Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм, пак, “Медена земја“ не е значаен само за македонската кинематографија, туку ќе биде препознаен и во светски размери, заради актуелноста на документарниот жанр кој се врати во фокусот на светската кинематографија.
Премиерно, Медена земја# во Македонија ќе се прикаже на почетокот на март (на затворена проекција), а од продукцијата се надеваат дека пошироката јавност ќе може да го види на отворањето на фестивалот “Македокс“. (Н.И.Т.)

Филм за припадноста на човекот кон природата
Филмот ја раскажува приказната за 50-годишната Атиџе, последната медарка на диви пчели во Европа, која живее во целосна хармонија со природата и според правилото, пола од медот да зема за себе, а пола да им остави на пчелите. “Таа живее во напуштено село (во централна Македонија) со нејзината мајка, и главниот заплет се случува кога фамилија на номади пчелари ќе се доселат на таа територија. Тогаш ќе се случи битката за медот, бидејќи на таа територија нема доволно простор за две групи пчели. Бидејќи доселената фамилија е претставник на консумеристичкото општество кое не размислува за еколошките последици од своите дела за целата планета, туку едноставно зема се што може да земе од природата и од своите пчели, нивните пчели почнуваат да ги напаѓаат пчелите на Атиџе…“, раскажа дел од документарецот режисерката Тамара Котевска, која додаде дека идејата е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на земјините ресурси.