Целото патешествие на режисерката Котевска за снимањето на филмот започнало во јули, 2021 година во Газијантеб, во најголемото бегалско маало на турско-сириската граница. „Филмот имаше необичен начин на работа, бидејќи тоа беше патувачки театар, се патуваше со автобуси, прво низ цела Турција, во секое гратче и село, а куклата Амал излегуваше, одеше и го провоцираше локалното население да реагира. Ја поминавме и цела Грција, Италија, Швајцарија, Белгија, Франција, Германија и Англија. Реакциите беа чудесни, и негативни и позитивни“, рече македонската режисерка Тамара Котевска, најавувајќи ја светската премиера на документарецот „Патување пеш“ во Њујорк
Документарецот „Патување пеш“ (The Walk) на Тамара Котевска ќе ја има својата светска премиера на 9 ноември во Њујорк, на DOC NYC, најголемиот американски фестивал за документарни филмови. Вториот долгометражен документарен филм на македонската режисерка, позната по „Медена земја“, е посветен на сите бегалци од Сирија и Палестина и го следи патешествието на патувачкиот театар со џиновската кукла Амал, висока 3,5 метри, која претставува млада сириска бегалка, и која се обидува да си најде нов и безбеден дом, патувајќи од Турција до Англија.
„Ме поканија да го режирам филмот после ковид-пандемијата и бев почестена заради продукцијата ‘Grain Media’ која има два Оскари и неколку номинации. Проектот изгледаше многу комплексен и беше голем предизвик. Беше обратно од она како се работеше на ‘Медена земја’. Бев скептична за темата, бидејќи, според мене, е една од најтешките за обработка – политички бегалци. Се консултирав со режисерката на ‘For Sama’ Ваад Ал-Катеаб, која ми даде храброст бидејќи рече дека сум автор кој доаѓа, ниту од Исток, ниту од Запад, туку некаде од средина и затоа можам најнеутрално да ја обработам темата и да ја испратам потребната порака, а притоа да не биде ставена во некаков контекст“, рече на денешната прес-конференција режисерката Тамара Котевска.
Целото патешествие на Котевска за снимањето на филмот започнало во јули, 2021 година во Газијантеб, во најголемото бегалско маало на турско-сириската граница. „Првото нешто што го видов таму беа јата на истренирани гулаби кои луѓето сместени таму ги имаат како традиција, и тоа стана мотивот на овој филм – како бегалците пробуваат таа традиција да ја пренесат и покрај што минуваат толку граници. Филмот имаше необичен начин на работа, бидејќи тоа беше патувачки театар, се патуваше со автобуси, прво низ цела Турција, во секое гратче и село, а куклата Амал излегуваше, одеше и го провоцираше локалното население да реагира. Ја поминавме и цела Грција, Италија, Швајцарија, Белгија, Франција, Германија и Англија. Реакциите беа чудесни, и негативни и позитивни. Една од најрадикалните реакции се случи во Грција од христијанското население кое од една страна протестираше против муслиманските бегалци, а од друга против куклата како концепт. Беше интересно да се види културолошки што оваа кукла разбуди кај населението насекаде, а што разбуди кај бегалците кои ги среќаваме по камповите. По 90 дена пат излегов и со последниот концепт во овој филм којшто е всушност претставување на перспективата на едно девојче бегалче и што оваа кукла значи во животот на децата бегалци. Таа е нивната надеж и како таа одекна кај тие деца кои немаат никаква надеж“, раскажа режисерката.
Котевска рече дека филмот бил сниман и во Јужна Африка во работилницата каде што таа триметарска кукла настанала, за да се претстави и како функционира магичниот свет на кукларството.
Околу идејата за филмот, Котевска истакна дека проектот, односно претставата за куклата Амал, започнал и траел многу пред да се снима документарецот. Тоа бил проект на независен театар во Британија кој одел по бегалските кампови во најголемата криза и откривал таленти за да прави претстави и да ги прикажува нивните животни приказни, но и да им помага да добијат документи. „Една од тие луѓе, таленти со најфасцинантна приказна е деветгодишната Амал, од Сирија, чија приказна завршува на Пикадили. Таа претстава станува мегапопуларна, а е наречена „Џунглата“ (The jungle) со референца на бегалските кампови. Продуцентите кои ја преземаат оваа претстава решаваат да ја извадат на пат. Бидејќи тоа не можат да го направат со малата Амал, оти нема документи, оттаму е целата идеја да создадат марионета и малата Амал да ја претстават како кукла од три метра за да биде видлива, за да го прикажат нејзиното невидливо патешествие. Го повикуваат палестинскиот театарски режисер Амир Низар Зуаби кој ја креира и режира целата идеја за патувањето на куклата. Во тој момент Амир ми се јавува мене, ја гледал ‘Медена земја’ бил фасциниран и изјавува желба да соработува со мене за документарецот и ми ја објаснува целата приказна“, додава Котевска.
Таа објаснува и дека кукларите, кои всушност ја движат Амал, се претежно бегалци од Сирија, Палестина и Африка, но има и Англичани. „Се зафатив и со тоа, како момент во приказната, бидејќи овие луѓе кои избегале оттаму повторно го преживуваат истото патешествие. Освен Амал, во филмот се претставени и Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија и затоа овој филм е посветен на сите бегалци од Сирија и Палестина“, рече Котевска, која истакна дека снимале и во Палестина.
Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска учествувале и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев.
За кинематограферот Самир Љума, ова е значаен филм, заради темата која ја обработува, која, за жал, и ден-денес е актуелна.
„И денес сме сведоци на човечки страдања од невидени размери, луѓето очајно бараат спокој и мир, но многу од нив се принудени да го напуштат својот дом. Ги има околу 110 милиони принудно раселени, од кои 36 милиони се бегалци. За жал, и јас бев еден од нив во текот на мојот живот, бев принуден да го напуштам домот. Не беше лесно, а не беше лесно и да се следи во текот на снимањето на овој филм, секојдневното патешествието на куклата Амал, нејзиниот пат од Турција до Манчестер, Англија. Таа секојдневно се среќаваше со бегалци и не беше лесно да се слушнат и видат нивните животни приказни. Но треба да се видат и треба да се слушнат. Се надевам дека оваа приказна раскажана од Котеска барем малку ќе предизвика емпатија заради сите оние луѓе кои се во потрага по нов и безбеден дом“, рече Љума.
За авторот на музиката, Дуке Бојаџиев, било вонсериско искуство да се работи на овој филм. „Направивме едно уметничко дело, а во филмот има застапено од изворна, преку филмска до оперска музика, во многу жанрови и атмосфери, за да се направи совршена спојка меѓу сликата и звукот“, изјави тој.
Монтажата на филмот (на Мартин Иванов) се одвивала по пат, односно континуирано, како се снимал материјалот така се обработувал истиот заради неговата обемност. Главен продуцент на „Патување пеш“ е британската компанија „Grain Media“, зад него застана и американската продукциска куќа „Participant Media“, а како македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција. Филмот е поддржан од македонската Агенцијата за филм.
Како што истакна режисерката, македонската премиера би можела да се очекува на фестивалот „Македокс“. (Н.И.Т.)