Доктор Даниловски и „претепан“ и злоупотребен, на потег е Обвинителството!: Името на познатиот доктор повторно вовлечено во лажни реклами

2715

– Повторно ми го злоупотребуваат името за продажба на некаков чај! Измислено е сѐ! – вели во изјава за весникот ВЕЧЕР познатиот епидемиолог доктор Драган Даниловски, чие име деновиве, по трет пат, е злоупотребено на социјалните мрежи за реклама за продажба на чај. – Ова не е прв пат, но би било добро да е последен. Сакајќи да ги заштитам пациентите и моите пријатели да се спречи оваа злоупотреба на сомнителниот лек, но и себеси од непријатности, уште пред два месеца поднесов пријава до ОЈО, но иако ми рекоа дека ќе ме контактираат, до овој момент нема ништо. Ќе испратам и дополнение на пријавата, па верувам дека Обвинителството ќе преземе мерки. Ова е навистина многу опасна ситуација. Ниту сум кардиолог ниту знам за каков препарат се работи, а сигурен сум дека многумина го купиле, верувајќи дека јас го препорачувам. А, монтираната фотографија со мојот лик дополнително ги вознемири моите блиски и пријателите – изјави познатиот епидемиолог за весникот ВЕЧЕР

 

 

Името на епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, за три месеци, три пати е злоупотребено во лажна реклама за продажба на чај, кој наводно ги прочистува крвните садови. Но, третиот пат веста, која се спонзорира со многу бомбастичен наслов Скандал на „Канал 5“ – познат македонски кардиолог беше удрен во лице во студиото на „Канал 5“ за откривање нов метод за чистење на крвните садови во секоја возраст! Уште повеќе што, заедно со лажното интервју, е објавена и фотографија на човек во болнички кревет со монтирана фотографија од докторот.

– Ова не е прв пат, но би било добро да е последен. Сакајќи да ги заштитам пациентите и моите пријатели да се спречи оваа злоупотреба на сомнителниот лек, но и себеси од непријатности, уште пред два месеца поднесов пријава до ОЈО, но иако ми рекоа дека ќе ме контактираат, до овој момент нема ништо. Ќе испратам и дополнение на пријавата, па верувам дека Обвинителството ќе преземе мерки. Ова е навистина многу опасна ситуација. Ниту сум кардиолог ниту знам за каков препарат се работи, а сигурен сум дека многумина го купиле, верувајќи дека јас го препорачувам. А, монтираната фотографија со мојот лик дополнително ги вознемири моите блиски и пријателите – изјави познатиот епидемиолог за весникот ВЕЧЕР.

Тој испрати апел и на својата фејсбук-страница.

– Не наседнувајте на оваа гнасна измама! И покрај поднесената пријава до Основното јавно обвинителство, мафијата не мирува! Повторно ми го злоупотребуваат името за продажба на некаков чај! Измислено е сѐ! Ниту сум кардиолог, ниту сум дал какво било интервју, ниту сум тепан! – напиша д-р Даниловски.

Истовремено, во лажната реклама се злоупотребени националната телевизија „Канал 5“ и нивна вработена.

Доктор Даниловски е еден од неколкутемина еминентни професори Никола Пановски, Вело Марковски и Маја Мојсова што се злоупотребени на социјалните мрежи за рекламирање сомнителни препарати и безвредни чаеви. Но, по долга институционална борба, професорот Пановски, во февруари годинава, успеа да извојува и судска победа.

– Конечно, по една и пол година, донесена е правосилна пресуда за злоупотреба на личните податоци заради промоција на чаевите ПАРАЗОЛ и ХИПЕРТЕА на Дејан Јовановски, како одговорно лице е казнет со 2.100 евра, а фирмата увозник и дистрибутер МОНАД ПЛУГ ДООЕЛ Скопје со 5.000 евра. Правдата е делумно задоволена. Имено, фирмата и осудениот и понатаму работат, тоа што го заработиле криминално, ќе го вратат за недела дена. Демек, немало како да ги судат за измама на граѓаните, да им забранат дејност, немало основ во законите за овој интернет-криминал, туку само за злоупотреба на личните податоци. Сега продолжувам во граѓанска постапка да барам отштета од 15.000 евра за злоупотребата и душевната болка што ми ја сторија – наведе тогаш д-р Пановски. (Е.А.)