Доживотен затвор за австралискиот педофил, воспитувач во детска градинка, кој цели 20 години силувал девојчиња на возраст од три до пет години

155

На Ешли Пол Грифит, кој има 46 години, судијата на окружниот суд во Квинсленд, Пол Смит, му изрече максимална казна и посебен период без условно ослободување од 27 години, откако Грифит се изјасни за виновен за 307 сексуални престапи врз деца под негова грижа во Бризбејн и Италија, во периодот од 2003 до 2022 година. Детективите откриле дека Грифит поставил слики на мрачен веб-педофилски форум, користејќи го псевдонимот „Зимбл“, а потоа нашле  каталогизирани датотеки на неговиот компјутер, вклучувајќи фотографии од часовите и детали за деца и видеа на кои се гледа како ги злоставува.

 

Поранешниот вработен во детска градинка, Ешли Пол Грифит, вчера е осуден на доживотен затвор во Австралија за развратна сексуална злоупотреба на 73 деца под негова грижа во текот на речиси 20 години.

Грифит, кој има 46 години нема право на условен отпуст до 2049 година, кога би имал 73 години. Судијата на окружниот суд во Квинсленд, Пол Смит, му изрече максимална казна и посебен период без условно ослободување од 27 години, откако Грифит се изјасни за виновен за 307 сексуални престапи врз деца под негова грижа во Бризбејн и во Италија, во периодот од 2003 до 2022 година. Престапите вклучуваат 28 точки за силување и 15 точки за повторен сексуален контакт. Повеќето од жртвите во времето кога ги злоупотребил биле девојчиња на возраст меѓу три и пет години.

Надвор од судот, жртвите повикаа на истрага во центрите за згрижување деца каде што Грифит изолирал, снимал и сексуално злоупотребувал девојчиња, без да биде откриен со години.

-Родителите денес ги носат своите деца во овие центри со лажно чувство на сигурност. Нивните деца дремнуваат на истото креветче на кое биле силувани другите деца, им рече на новинарите таткото на жртва, која не може да се идентификува од правни причини, пишува „Гардијан“.

Жртвите кои биле малтретирани од Грифин како млади девојчиња, во судот кажуваа ужасни работи за последиците  од она што им го правел. Една млада жена рече во судот дека страдала од симптоми на посттрауматско стресно растројство и дека кога била девојче се плашела од возрасните, а на 12-годишна возраст почнала да се самоповредува. Овие симптоми биле нејасни сè до денот во 2022 година, кога нејзиното семејство било контактирано од детективите на австралиската федерална полиција кои ги откриле злоставувањата што ги вршел Грифит.

-Никогаш не можам да знам како би било да пораснам не плашејќи се од луѓето. Тој се снимал себеси како ме злоставува и ставил снимки на мрачната мрежа. Неговите постапки имаат длабоко влијание врз мојот живот. Го пропуштив нормалното детство, вели една од жртвите.

Еден родител рекол дека се спријателиле со Грифит, па дури и го примале во својот дом. Некои, пак, решиле никогаш да не им кажат на своите деца дека биле злоставувани.

Грифит работел во низа центри за згрижување деца во Бризбејн, во Сиднеј и во Пиза, Италија. Сите жртви се идентификувани и нивните семејства се информирани, претходно соопшти АФП. Четирите девојчиња идентификувани во видеата на Грифит се од градинка во Пиза, Италија, а другите 65 жртви биле од 11 локации во Бризбејн. Агенцијата верува дека Грифит, кој ги имал потребните квалификации за грижа за деца, ги снимил сите негови злоставувања на телефони и камери на работа. „Гардијан“ пренесува дека откако утврдиле дека Грифит поставил слики на мрачен веб-педофилски форум, користејќи го псевдонимот „Зимбл“, детективите откриле каталогизирани датотеки на неговиот компјутер, вклучувајќи фотографии од часовите и детали за деца и видеа на кои се гледа како ги злоставува. Иако лицата на децата биле исечени од сликите, инспекторите успеале да ги поврзат со Грифит, благодарение на уникатната постелнина направена специјално за Детскиот центар во Квинсленд, која можела да се види во заднината на некои од снимките.

Психијатрискиот извештај открил дека Грифит имал педофилско растројство, но не не и други нарушувања или фактори што би ги објасниле неговите постапки. На мрачната педофилска мрежа, Грифит давал совети за тоа како да се злоставуваат деца.

Грифит првпат бил уапсен од австралиската федерална полиција во август 2022 година. Една година подоцна бил обвинет за повеќе од 1.600 сексуални престапи, но повеќето од нив на крајот биле отфрлени.

ИЗДВОЕНИ