Дожд и зимска идила: Доаѓа силниот циклон Марко, носи локални поплави и невреме

154

Циклонска активност со центар во јужните делови на Европа ќе услови од утре и во текот на неделава да има повремени врнежи од дожд и снег на пониските места и само снег на планините. Повремено врнежите ќе бидат пообилни, особено во јужните и западните делови каде на планините снежната покривка ќе се зголеми. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец, информираат од УХМР.

Според метеорологот Славчо Попоски, пак, од оваа ноќ јужните предели на Европскиот Континент вклучувајќи го и Балканот ќе потпаднат под влијание на силниот циклон Марко кој се развива некаде над Италија и во следните денови ќе услови значително поврнежливо време над овој дел од Европа. Врнежите локално ќе бидат и изобилни па понекаде низ земјите од регионот можни се поплавувања. Во џентарот на овој циклон притисокот е премногу низок, и тоа дури 979 htp.

Локално дури ќе има услови и за појава на невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и појава на град додека на повисоките и планинските места ќе има интензивни снежни врнежи со што снежната покривка значително ќе се зголеми.

Снежни врнежи понекаде ќе има и во пониските предели низ регионот, па затоа доколку патувате бидете крајно претпазливи, предупредува Попоски.

Во Македонија пак уште од оваа ноќ локално ќе има послаби врнежи од дожд на ниските и од снег на повисоките места и на планините, услови за послаби врнежи од дожд и од снег или пак влажен снег ќе има понекаде и на пониските места.

Од утре пак па во следните денови под влијание на изразениот циклон Марко ќе има почести врнежи кој локално ќе бидат и поинтензивни, на ниските места ќе врне дожд додека на повисоките и планинските места ќе има врнежи од снег со што снежната покривка ќе се зголемува.

Врнежи од дожд и снег ќе има понекаде и на пониските места а ќе започне да дува и југоисточен ветер кој ќе засилува на интензитет.

Ветерот ќе го промени правецот во северен од четврток и ќе биде засилен во петок со што од север ќе се спушта постуден воздух, а врнежи од снег ќе има и на пониските места.

Во текот на следниот период локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 40 л/м2) па токму поради ова можно е покачување на нивоата на реките и на езерата во Македонија.

Во следните неколку денови максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 10 степени додека на југоисток понекаде истите е можно да се искачат малку над 10 степени.

Подготви: Славчо Попоски