Дождовите ја зголемија издашноста на изворот Студенчица, Прилеп и Кичево есенва ќе немаат криза со вода за пиење

56

Врнежите од дожд кои беа присутни во земјава во изминатите петнаесетина дена ја стабилизираа штедроста на изворот Студенчица и придонесоа водните кризи присутни во изминатите неколку години, есенва да ги нема.

– Благодарение на поволната хидролошка есен, штедроста на изворот Студенчица е стабилна и деновиве се мерат близу 1.000 литри вода во секунда, што е далеку над штедроста од пред петнаесетина дена, кога поради сушата штедроста изнесуваше само 710 литри со тенденција за натамошно намалување. Бидејќи се ближат месеците ноември и декември кога повторно се очекуваат врнежи од дожд или снег, можеме да бидеме спокојни и со оптимизам да го очекуваме претстојниот период, кога без проблеми ќе може да се испорачуваат доволни количини вода за пиење за сите водокорисници од овој хидросистем – истакна Гоце Наќески од ЈПВ Студенчица.

Деновиве од хидросистемот Студенчица 172 литри вода се упатуваат кон Осломеј од кои ТЕЦ„ Осломеј“ добива 125 литри вода во секунда, на Кичево му се испорачуваат 170 литри, кон Прилеп и останатите општини се упатуваат 410 литри, од кои само за градот Прилеп 240 литри вода во секунда.

– На малата хидроцентрала Добреноец се испуштаат 213 литри кои се враќаат повторно во реката и 40 литри на прелив, кои исто така се испуштаат во реката Студенчица. За споредба со поволната хидролошка состојба оваа година нека послужи претходната година кога во истиот период штедроста на изворот Студенчица изнесуваше 685 литри, а имало и години кога штедроста била и далеку помала – посочи Наќески и нагласи дека од хидросистемот Студенчица се снабдуваат околу 160.000 жители, а поволната хидролошка ситуација укажува дека снабдувањето ќе биде редовно и без осцилации.