Најдобра спортистка за 2022 година, според Македонскиот олимписки комитет, кој по втор пат ја доделува наградата „Златна Олимпија“, е маратонката Андријана Поп Арсова, единствена претставничка на Северна Македонија на Светското првенство во атлетика во Јуџин, Орегон, која изминатата година постави и нов државен рекорд во маратон на 10 и 5 километри во Копенхаген.
На манифестација „Златна Олимпија“ во осум категории вечерва беа доделени награди за најдобрите жени во спортот за кои одлучи жири-комисија составена од спортски новинари.
За најдобра млада спортистка беше избрана Јадранка Темелкова (кикбокс), која изминатата година освои трето место на Светското првенство за јуниори во Италија и прво место на Европскиот куп.
Најдобар женски тренер за изминатата година е Симона Заборска (карате), тренер на Мојсовска Ангела, Мицовска Јована и Марија Петровска.
Женската фудбалска репрезентација до 17 години, со остварениот пласман од лига Б во лига А на УЕФА за фудбалерки до 17 години, ја заслужи титулата „најдобра женска репрезентација“.
Посебното признание за животно дело годинава замина во рацете на Ленче Алексовска, деканка на Факултетот за физичка култура. Спортски подвиг за 2022 година, според МОК, направи Катерина Шиповиќ, ултра маратонка и првата Македонка која истрча 246 километри од Атина до Спарта на Спартатлон во Грција, една од 10-те најтешки ултрамаратонски трки во светот.
За најдобра судијка во 2022 година беше избрана Ивана Пројковска (фудбал), која беше дел од судискиот тим на Европското првенство за жени што се одржа летово во Англија. Судеше на квалификациските натпревари за Светското првенство 2023 и имаше повеќе натпревари во Лигата на шампионите за жени.
„Златната Олимпија“ за најдобра спортистка со попреченост ја доби Оливера Наковска Бикова, која го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин, Обединети Арапски Емирати. Таа беше најдобра во дисциплината П4-пиштол во слободен избор. Во март годинава нашата параолимпијка го освои и златниот медал на Европското парапрвенство во стрелаштво, во норвешкиот град Хамар, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.
На манифестацијата беа доделени и плакета за успешен спортски настан на Кометал Ѓорче Петров, најдобра спортска новинарка – Марија Ковачева, најуспешна спортска менаџерка – Ирена Митревска и посебен придонес во унапредувањето на родовата еднаквост и воведување на ваучер системот, поранешниот претседател на Влада на РСМ, Зоран Заев.
Жирито беше составено од спортски новинари меѓу кои Билјана Благоеска Петрушева, Наташа Станчиќ, Ангела Рајчевска, Владко Арсов и Весна Николовска.
„Златна Олимпија“ е манифестација со која Македонскиот олимписки комитет, преку Комисијата за родова еднаквост, се залага за „спорт за сите“.