И здружението „Го сакам Водно“, вчера, застана во одбрана на парк-шумата и сметаат дека на планината не ѝ треба разубавување, како што е предвидено во ревидираната Студија за валоризација на Водно, туку санација и пошумување
Додека градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов прави планови како да го разубави Водно, на терен му се случува сеча на шумата. На социјалните мрежи се споделуваат фотки од очевидци кои затекнале луѓе како сечат дрвја, но не е јасно дали станува збор за дрвокрадци или се работи за сеча на болни и исушени дрвја.
Од здружението „Го сакам Водно“, денеска, застанаа во одбрана на парк-шумата и сметаат дека на планината не ѝ треба разубавување, како што е предвидено во ревидираната Студија за валоризација на Водно, туку санација и пошумување.
Тие сметаат дека втората верзија на ревидираната Студија е речиси идентична со првата и истакнаа дека иако имале многу забелешки, тие не се прифатени и воопшто не се задоволни од одговорите што ги добиле од градската администрација.
– Многу декларативно беа примени тие забелешки и таа е речиси комплетно иста со првичната. Како прво, се намалува површината на заштитената зона. А, и самите експерти тоа го дозволуваат, бидејќи тоа веќе било узурпирана зона Наместо да се казнат узурпаторите, тие се поттикнуваат. Ние сме за тоа на Водно да нема градби. Какво е тоа разубавување на Водно со градби. Како второ, не сме задоволни од степенот на категоризација. Зонирањето се прави со потпора врз Деталните урбанистички планови, со што се овозможува дури и урбанизација на врвот – изјави Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
Таа, исто така, реагираше и на намерата на Градот од Водно да прави туристичко-рекреативен центар.
– На Водно не му треба разубавување, со тоа само ќе се зголеми девастацијата, не му треба туристичка атракција, туку му е потребна санација и пошумување. Луѓето на Водно одат да дишат чист воздух – потенцираше Стојановска.
Градоначалникот Шилегов рече дека со оваа Студија ќе настојуваат да ги ревитализираат деловите од шумата кои се оштетија заради пробивањето на регионалниот гасовод.
– Средствата добиени од Македонски енергетски ресурси (МЕР) во износ од 42,9 милиони денари ќе бидат искористени за потребите на планината. Прво, исклучиво пошумување на планината и тоа во оние делови каде е возможно. Останатите средства ќе се искористат за туристичко-рекреативен центар, работа за која Градот одделно од оваа, прави друга студија – одговори Шилегов.
Тој додаде дека Градот работи на тоа планината Водно да ја направи поатрактивна за Скопје. Забелешки за студијата за Водно доставија и Шумарскиот факултет од Скопје и организацијата „Еко-свест“.
Изготвувачите на студијата ги отфрлија барањата на професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет во студијата да се третира и опасноста од ерозија која постои на Водно, како и неговото пошумување поради заштита на Скопје од поплави, како и барањата на „Еко-свест“ за воспоставување на повисок степен на заштита на некогашната парк-шума Водно.
(А.П.)