Најава за протести, барања за забрана и жестоки реакции од повеќе здруженија во Македонија предизвика најавата дека в петок, во Охрид, ќе биде отворен нов бугарски клуб – „Цар Борис Трети“. Главен виновник за ова е државата, која не реагирала на време, призна македонскиот претседател Стево Пендаровски и посочи дека се потребни законски измени за регистрација на здруженија. Сега, оној што ќе треба да го вади врелиот костен е Јавното обвинителство, по најавата за кривични пријави од повеќе засегнати страни. Во меѓувреме, Македонското меѓународно движење за човекови права гордо информира дека го финансирале отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија.

Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот – „Цар Борис Трети“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазумна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!

– Да ги зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата! На 7 октомври (петок) со почеток од 11 и 30 часот, на улицата „Македонски просветители“, пред ТЦ Амам – Охрид, да се мобилизираме и да го искажеме нашиот антифашистички порив. Не за славење на крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер! – стои во соопштението од Левица.

Во врска со отворањето на бугарските клубови со провокативни имиња, претседателот Пендаровски, вчера призна дека државата доцни со реакцијата. Формирањето советодавно тело за именување здруженија, според него, нема да го реши проблемот, туку треба по итна постапка да се смени Законот и да се воведе регистар на имиња што не може да ги даваат.

– Не мислам дека телото што допрва треба да се формира ќе го реши проблемот, затоа што нема да работи ретроактивно. Тоа што сме спиеле како држава, не нè оправдува. Ние мораме да го промениме Законот – истакна Пендаровски.

Министерот за правда Никола Тупанчески потврди дека конституирањето на советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија е преодно решение додека не се донесат законските измени за здруженијата.

 – До донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации, формиравме ад хок тело сакајќи на некој начин да го бајпасираме овој вакуум, кој станува сè понепријатен и мора, како држава, да бидеме подготвени за некакви идни потенцијални провокации – изјави вчера министерот Тупанчевски.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, најави дека Заедницата ќе поднесе кривична пријава за името на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети” во Охрид.

– Еврејската заедница во Македонија остро се спротивставува на повампирувањето на ликови од фашистичкиот период на Бугарија. Регистрацијата на културен центар по таква личност е директна провокација. Тоа е, на одреден начин, враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин, на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво! – стои во нивното соопштение.

И Светскиот македонски конгрес (СМК) побара итна и безусловна забрана на отворањето и работата на бугарскиот фашистички клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

– СМК потсетува дека право и должност на секој граѓанин е одбраната на татковината од нацифашизмот, никој нема право да признае нацифашистичка окупација на државата или дел од Македонија! СМК повторно бара трајна забрана на работата и на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, бидејќи е здружение на граѓани кое афирмира докажан соработник на Хитлеровиот нацистички режим, идеологија која е поразена во Втората светска војна! – наведуваат од СМК во соопштението.

На критиките за отворањето на бугарскиот клуб се приклучија и Сојузот на борци од Народноослободителната и антфашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, најостро осудувајќи го чинот на отворање здруженија на нашите соседи од Бугарија со користење на имињата на личности од историјата кои длабоко и болно ги побудуваат чувствата на нашите граѓани од минатото.

И додека во Македонија бргу се множат бугарските клубови, во Бугарија отворањето македонски клуб е сизифовска работа. Сепак, деновиве од Канада пристигна веста дека со поддршка на ММДЧП, и Македонците од Пиринско наскоро ќе добијат свој клуб во Благовград.

– Македонското меѓународно движење за човекови права гордо информира дека го финансиравме отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во Горна Џумаја (градот преименуван во „Благоевград“ од Бугарија), во Пиринска Македонија. Официјалната церемонија ќе се одржи на 30 октомври 2022 година. Димитар Ковачевски, „премиер“ на режимот на власт во Република Македонија, вети дека ќе финансира отворање македонски културен центар во Пиринска Македонија по протестите во кои беше осуден неговиот режим поради отворањето бугарски клуб во Битола, именуван според озлогласениот бугарски соработник на нацистите и воен злосторник Ванчо Михајлов, со кој се глорифицира нацизмот. Клубот беше отворен по барање на бугарската Влада – и на Европската Унија – која продолжува да ги задоволува бугарските јавно декларирани цели да се избрише македонскиот етнички идентитет, култура историја и постоењето на големото македонско малцинство во Бугарија, како услов за Бугарија да го крене своето вето за приемот на Република Македонија во ЕУ. Како што и се очекуваше, режимот не го исполни „ветувањето“ и одбра да продолжи да им помага на Бугарија и на Грција да ги задушуваат македонскиот идентитет и човековите права низ Балканот“ – наведуваат во своето соопштение.

(И.С.)