– На 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, од 6 до 16 јули 2025 година, една од точките на дневниот ред е разгледување на состојбата со заштитата на добрата запишани на Листата на светско наследство. Согласно со тоа, состојбата со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион ќе се разгледува како дел од оваа точка и членките на Комитетот ќе донесат одлука за натамошниот статус на Охридскиот Регион – вели Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура и туризам

 

Дивоградбите на самиот брег, загадувањето на водата, дивите депонии, немањето јасна стратегија за заштита… се едни од главните причини за сериозните забелешки на УНЕСКО за Охридскиот Регион, кои беа упатени во изминатите години, кон нашата држава. Иако во моментот е под заштита на оваа светска организација, сепак статусот на регионот е на стаклени нозе и многу лесно може да биде ставен на листата со загрозено културно наследство.

Од Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура и туризам велат дека повторно ќе се расправа на оваа тема наредната година.

– На 47. сесија на Комитетот за светското наследство на УНЕСКО, која ќе се одржи во Софија, Република Бугарија, од 6 до 16 јули 2025 година, една од точките на дневниот ред е разгледување на состојбата со заштитата на добрата запишани на Листата на светско наследство. Согласно со тоа, состојбата со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион ќе се разгледува како дел од оваа точка и членките на Комитетот ќе донесат одлука за натамошниот статус на Охридскиот Регион – вели Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура и туризам.

Од Националната комисија посочуваат дека годинава се преземени повеќе активности во однос на препораките на УНЕСКО.

Сепак, за алармантната состојба на теренот, апелираат бројните еколошки здруженија во Охрид. Од „Охрид СОС“за весникот ВЕЧЕР велат дека и покрај мониторинг-мисиите, годинава продолжил хаосот покрај охридскиот брег, а состојбата во некои делови и сегменти поврзани со заштитата била и полоша од минатото.

– На терен, воопшто не се забележува меѓудржавна соработка меѓу Македонија и Албанија. Можеби се основани комисии и тела, но конкретно, на дело, нема ништо. Остануваат препораките од 2017 г. и тие не се исполнети веќе цели седум години. Нема унифицирани закони и одредби што би важеле за целиот Охридски Регион, со цел доброто, независно дали се тоа националните паркови , езерото, притоките… да се заштитува на исто ниво, и останува индивидуално да се решаваат проблемите. Дури и општините не се залагаат подеднакво. Исто е и со дивоградбите. Во Бејбунар, дел од Охрид под планината, во моментов се градат десет згради. Всушност, се гради низ цел град, а во Струга, на местото на поранешната фабрика „Стружанка“, на 50 метри од брегот, се градат три- четири објекти… – вели Владимир Трајановски од Охрид СОС.

Тој додава дека во Охрид, летово, повторно биле дозволени шанкови, бил узурпиран брегот со платформите, се ѕидало и во Канео…

– Драстично е намалена и популацијата на дивокози и на други животни. Има и една нова иницијатива – „Збогум, Буково“, за депонијата за која имаше реактивна мисија во 2020 год., но ништо не е направено, иако е даден рок од три години таа да се исчисти и да се изгрaди регионална, но ни тоа не е почнато. Депонијата „Буково“ е голем загадувач на воздухот, на почвата и на подземните води. Има и друга нелегална депонија – „Маутскер“ на влезот од Охрид, каде што имаше и археолошки локалитет, кој е затрупан со смет што се фрла таму веќе седум години – вели Трајановски од Охрид СОС.

Сите овие забелешки и многу други, според Трајановски, се доставени и до УНЕСКО.

Од Министерството за култура и туризам, пак, посочуваат дека согласно со одлуката од 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Ријад, во 2023, работната група формирана од министерот за култура, во соработка со меѓуинституционалниот експертски тим од Албанија, направила ревидирање на Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион (2023-2030). Како што посочуваат, во постапката се имплементирани и укажувањата, забелешките и препораките содржани во мислењето на советодавното тело на УНЕСКО – Меѓународната организација за споменици и места ИКОМОС. Согласно со укажувањата и препораките, работните групи направиле и дополнување и прецизирање на одредени активности наведени во Планот.

– Ревидираниот Стратешки план беше доставен до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. Потврдувајќи го отворениот и партнерски однос на двете држави кон Центарот за светско наследство и советодавните тела, во јануари 2024 година државите побараа заедничка реактивна мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО и на советодавните тела – Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) и Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ICOMOS), која се реализираше во двете држави, во периодот од 25 до 29 март 2024. Во периодот што следува, се очекува извештајот за неа и во него ќе биде наведена моменталната состојба со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион, со насоки за идните активности, со цел негова соодветна заштита – велат од ресорното Министерство.

Инаку, од 21 до 31 јули годинава, во Њу Делхи, Индија, се одржа и 46. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на која учествуваше делегација од нашата држава и беше донесена одлука во која се содржани препораките за нашата држава и за Република Албанија, кои треба да се исполнат.

– Во насока на подготовка на извештајот за состојбата со заштитата на природното и на културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките на реактивните мониторинг-мисии и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за 2024 г., кој како заеднички извештај со Република Албанија, согласно со одлуката од Њу Делхи, треба да го доставиме до Центарот за светско наследство најдоцна до 1 февруари 2025, во тек се консултации со сите надлежни органи, институции и со локалната самоуправа во однос на детални информации за преземените и планирани активности во Охридскиот Регион – велат од Националната комисија.

Оттаму додаваат и дека комплексноста на заедничкото светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион бара иновативни модели на управување, кои ќе понудат решенија за справување со спектарот на управувачки механизми, вклучително и во поширокиот прекуграничен регион на Охридското Езеро. Во таа смисла, успешното управување со светското наследство мора да биде сеопфатно и да обезбеди одржлив развој на територијата на доброто. – Владите на Македонија и на Албанија имаат клучна улога во однос на координирањето на надлежните органи и институции, имајќи ја предвид поставеноста на институциите на институционално и на политичко ниво. Тие треба да овозможат и да гарантираат исполнување на препораките на мисиите и на другите тела на УНЕСКО, кои се насочени кон спречување на најголемите закани за автентичноста и интегритетот на регионот, зајакнување на заштитата и прекуграничната соработка и ефективното управување со исклучителната универзална вредност на доброто – додаваат, меѓу другото, од Министерството за култура и туризам. (Д.Т.)