Додека Македонците уживаат на турските плажи, Турците шетаат низ Скопје и Охрид

Додека Македонците уживаат на турските плажи, Турците шетаат низ Скопје и Охрид. Македонија е интересна за турските туристи поради богатата историја, спомениците, традицијата… коментираат туристичките работници. Турција, пак, последниве години е хит летна дестинација за Македонците, кои не жалат пари да уживаат на турските плажи

2736

И покрај тоа што Турција годинава важи за најскапа дестинација за одмор, Македонците не жалат пари да уживаат на турските плажи. Од друга страна, пак, Турците се најбројни туристи во нашата земја. Македонија е интересна за турските туристи поради богатата историја, спомениците, традицијата… коментираат туристичките работници. Од агенциите, пак, велат дека и покрај тоа што се „солени“ цените, има голем интерес од Македонците за летување во Турција. Причини се одличната услуга, прекрасните плажи и добрата храна.

– Два пати неделно имаме директни чартер-летови од Скопје до Бодрум и секој ден од Скопје до Анталија. Аранжманите за летување за ова лето се речиси целосно пополнети, а сместувањето е претежно во хотели на база на „ол инклузив“. Во Анталија, за 6 ноќи, ќе платите 595 евра за лице, иста е цената и во Бодрум, каде што во поевтините хотели, за 6 ноќи, ќе платите околу 500 евра за лице. Тука се вклучени авионската карта, трансферот до хотелот, сместувањето и храната – велат за весникот ВЕЧЕР од една туристичка агенција.

Од агенциите велат дека во поскапите хотели, цените се „посолени“ и оти има клиенти на кои не им е толку важна цената, туку бројот на ѕвездички на хотелот, луксузот и комоцијата на летувањето. Така, на пример, има хотели во Анталија што чинат и над 2.000 евра за лице.

Според Аркан Керим, претседател на Tуристичко-угостителската комора, Скопје е интересно за турските туристи поради богатата историја, спомениците, традицијата…

– Во градот има многу турски туристи, кои доаѓаат на кружни тури и, освен Македонија, ги посетуваат и другите балкански земји, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Освен туристи, во Скопје, во последниве години, има и многу турски студенти и градежни работници, кои живеат и работат тука – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Tуристичко-угостителската комора.

Според него, се очекува да се зголемува бројот на странски туристи во наредните години, а својот врв од над 2 милиона туристи да го достигне во 2028 година, кога ќе биде Европски град на културата.

И Љупчо Јаневски, туристички експерт и универзитетски професор, смета дека Скопје и Охрид се интересни за турските и за странските туристи воопшто поради тоа што во нив има најголем број сместувачки капацитети, добра поврзаност со аеродромите и патните правци, културно и историско богатство, природа, национални паркови и голем број други туристички атракции.

– Турските туристи се кумулативни и се очекува нивниот број на кружни патувања во Македонија за 2024 година да биде нешто повеќе од 200 илјади, но просечниот престој на дестинацијата не е поголем од 1,7 дена. Околу 85 отсто од турските туристи се на кружни балкански патувања од февруари до ноември, а Македонија е дел од тие кружни тури – вели Јаневски.

Според статистиката, во јуни годинава во земјава се евидентирани 119.751 туристи, од кои 23 отсто се домашни, а 77 отсто странски. Бројот на ноќевања во јуни 2024 година изнесува 245.249, од кои 27,6 отсто се од домашни туристи, а 72,4 отсто од странски.

(А.С.)