Познати домашни и меѓународни експерти се собраа денеска во Скопје на меѓународно стручно советување во организација на Друштвото за патишта на Република Македонија, а на кое можеа да се слушнат нивните искуства, предлози и идеи како да се применат кај нас современите трендови во градежништвото, особено за предизвиците во асфалтната индустрија. Беше нагласено дека на нашата патна инфраструктура очајнички ѝ е потребен нов и современ пристап во сите фази на градење

Во Македонија се одвива поголема инфраструктурна офанзива. Со цел да ја забрза реализацијата на проектите за изградба на патиштата, се работи деноноќно на терен и од неодамна се започна со асфалтирање во зимски услови, со примена на одредени адитиви, процес кој во Европа и во светот се применува во последните 20-30 години.

Токму на оваа тема денеска во Скопје се одржа меѓународно стручно советување во организација на Друштвото за патишта на Република Македонија, а на кое можеа да се слушнат искуства, предлози и идеи од странски стручњаци како да се применат кај нас современите трендови во градежништвото, особено за предизвиците во асфалтната индустрија.

Беше нагласено дека на нашата патна инфраструктура очајнички ѝ е потребен нов и современ пристап во сите фази на градење.

– Не можам да кажам дека сме многу напред во поместувањето на градежништвото во насока на нови технологии. Градежниот факултет, како водечка институција во областа на градежништвото во државата, прави напори што побрзо да се приклучиме кон она што е ново во светот. Свесни сме за енормно брзиот развој на технологијата и на техниката во последниве години, затоа сметаме дека треба да се воведат нови дисциплини во образованието, особено кај магистрираните инженери кои работат во градежништвото. Токму поради тоа, Градежниот факултет го отвори проектот „Знаење плус“ во кој со вакви настани и слични курсеви ќе дејствува на подигнување на квалитетот на знаењето и информираноста на колегите што работат во индустријата и во стопанството, и со тоа да придонесеме за приклучување во оваа област – истакна деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.

Неретко се случува да се пролонгираат рокови поради лошо проектирање. На прашањето дали се наоѓа грешката во домашната експертиза или во политиките што ги води државата, Марковски одговори дека може да се најдат грешки на секое ниво, во секој сегмент од градежништвото.

– А, ги има многу, почнувајќи од инвеститорот, па сè до работната сила. Наша задача е да учиме од грешките. Да не ги повторуваме и да бидеме поефикасни и во проектирањето и во реализацијата на проектите. Треба повеќе да се посветува внимание на проектните задачи и на истражните постапки, кои бараат многу пари и средства, а се невидливи за надворешниот свет. Тие придонесуваат градбата потоа да трае пократко – рече тој.

Марковски нагласи дека, чудно, во ера на големи инвестициски циклуси во земјава, домашните градежни компании да не може да напредуваат со крупни чекори.

–  Треба одговорните што ја водат државата да подразмислат за позитивна дискриминација во однос на домашните компании. Бидејќи јаки домашни компании можат да бидат јак мотив за зголемување на интересот за студирање. Бројот на студенти што студираат на Градежниот факултет е мала и со тоа не може да се овозможи развој на градежништвото. Од друга страна, потребно е новата генерација инженери, кои ќе бидат способни за предизвиците што стојат пред вакви проекти, да се искалат во добри инженери и да го искористат своето знаење за нови проекти во и надвор од државата – нагласи Марковски.

Според директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, приватизацијата и транзицијата ја уништиле Македонија во сите сфери, особено во градежништвото, машинството и во полесната индустрија.

– Пред приватизацијата, имавме многу големи компании со европско, а некои и со светско реноме, со многу стручен кадар и многу квалитетни производи што се пласираа надвор од Македонија и надвор од Југославија. Сега сме многу долу паднати, немаме компании што може да бидат рамо до рамо со компаниите од поранешна Југославија, а да не речам со европските. Тоа е поразително и тоа е последица на погрешните политики. Стручните кадри се желни за работа, за нови технологии. Затоа, ние во ЈП за државни патишта се трудиме да ја зголемиме конкуренцијата за побрзо и поквалитетно да ги направиме патиштата, прво оние што долго време се работата, но и за новите патишта што допрва ќе се градат – истакна Трајановски.

Говорејќи за предизвиците на кои се наидува на патните делници што се градат, Трајановски рече дека станува збор за одредени проекти кои биле закочени, а сега процесите на реализација се забрзани и на одделни делници се работи деноноќно и се врши асфалтирање во зимски услови.

– Асфалтирањето во зимски услови не е нешто ново, во Европа се применува во последните 20-30 години, а ние сега излегуваме смешни. Но, го правиме тоа само да се забрза процесот и работите да се завршат согласно со планираните рокови. Исто така, се обидуваме автопатот Кичево – Охрид, кој го градат веќе три влади, да го завршиме во зададениот рок. На терен, интензивно се работи и се надевам пред летните одмори да ја пуштиме левата лента од Врбјани до Охрид, со прекин пред Ботун, за решавање на девијацијата и на косините. Остануваа како проблем косините на автопатот, кои беа оставени на забот на времето и се еродирани од временските услови изминативе години. Разгледуваме кој метод да се примени да не биде многу скап, а да ги гарантира сигурноста и безбедноста – нагласи Трајановски.

Професорот на Градежниот факултет и претседател на Друштвото за патишта, Горан Мијоски, очекува советувањето да придонесе кон континуирана едукација на  градежните инженери кои работата на патиштата, конкретно во асфалтната индустрија.

– Пренесувајќи ги искуствата од развиените европски држави, пред сè мислам на стручњаците од Германија, Австрија, Унгарија, Хрватска, Србија, тие ќе придонесат нашите градежни инженери да ги осознаат новитетите во асфалтната индустрија, бенефит ќе имаат градежните компании, се разбира, на крајот и државата. Со примената на иновативни методи, ќе имаме подобри решенија – истакна тој.

Мијоски признава дека имаме извесно заостанување, но дека се прават напори да фатиме чекор со современите европски тенденции.

– Потребно е поголемо почитување на научната и на стручната мисла. Во насока на современите текови, тука би ја споменал примената на рециклираниот асфалт. Согласно со одлуката на Европскиот совет, струганиот асфалт не се декларира како отпад, туку е како ресурс и тоа придонесува да се намали загадувањето на животната средина, а, од друга страна, се зачувува екологијата, бидејќи не се прават дополнителни ископувања за камен агрегат за патиштата. Има иновативни методи од аспект на проектирањето на патиштата, димензионирањето на коловозните конструкции, сето тоа, ако го примениме, ќе резултира со голем напредок – заклучи професорот Мијоски.

(С.Бл.)