Да не го гори јорганот за неколку болви му порача на Али Ахмети потпретседателот на ДУИ и еден од членовите на „Огнената група“, Изет Меџити. Со средбата во Студеничани „огнените“ ги започнaa средбите со граѓаните и со членовите на ДУИ.
– Реализацијата и ефикасноста на нашата извршна власт во Владата е под два процентa. Ја поддржуваме евроатлантската насока на Владата, не само со изјави туку и со конкретни акции, како што беше поддршката во критичните случаи, вклучително и вредниот придонес на Кастриот Реџепи. Бараме одговорност од извршната власт за нивната неефикасност. Бараме рефлексија внатре во партиските органи, да се коригираме додека не нè коригираат граѓаните. Ние сме непоколебливи во поддршката за нашиот лидер Али Ахмети, но праќаме порака „да не гори јорганот за неколку болви“ – напиша Меџити на Фејсбук.
На средбата со граѓаните во Студеничани присуствувале и Кастриот Реџепи, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Невзат Бејта и Муса Џафери.
Ејуп Абази, претседател на огранокот на ДУИ во Студеничани, се огради од средбата на „огнените“ со партиската структура, која синоќа се одржа во таа општина.
– Јас сум претседател на огранокот на ДУИ во оваа општина, не учествував на таа средба бидејќи ова не е состанок на ДУИ на Али Ахмети – изјави Абази за „Топ 24“.
Кратко по објавата на Фејсбук на Меџити, на социјалните мрежи беше објавено видео на кое Али Ахмети пее песна со цигара в рака.
„Изгуби го чуварот, изгуби го семето, ајде да тргнеме понапред од злото“, пее Ахмети во својата канцеларија.
И претседателот на Надзорниот одбор на ДУИ, Муса Џафери, деновиве остро ја критикува актуелната постава на раководството кај интегративците.
Тој вели дека во Владата се креира место за Алијанса за Албанците да влезе во Владата, но не се гледа дека ДУИ се разделува.
– Ние имаме простор Алијанса за Албанците да ја интегрираме во Владата и да ја мобилизираме, но не сме свесни дека нашата партија се разделува, се креира јаз меѓу членови на Претседателството, меѓу партиските ограноци, меѓу општините. Јас мислам дека е алармантно време кога ние треба да се освестиме и мобилизираме, и да тропаме на вратите на ДУИ за оваа состојба да не продолжи и понатаму, но треба да седнеме и да ги пронајдеме потребните компромиси за да ја зачуваме ДУИ – изјавил Џафери, пренесе „ТВ 21“.
„Огнената група“ веќе подолг период има забелешки на работата и функционирањето на партијата, особено за Артан Груби и Бујар Османи, поради што минатата година испрати писмо до лидерот на партијата. Реагираат на лошите изборни резултати на вонредните локални избори и коментираат дека ДУИ ќе го изгуби приматот во албанскиот блок на следните парламентарни избори.
Дел од предводниците на т.н. огнена група се и пратеници и неизвесно е дали нивното незадоволство ќе го засилат и со напуштање на пратеничката група на интегративците, што индиректно ќе значи дека стабилното мнозинство повторно ќе биде на стаклени нозе. Пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, веќе најави дека нема да дава поддршка за сите закони.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, досега неколкупати се сретна со неистомислениците во своите редови. Призна дека има меѓучовечки односи кои не се добри, но во целина, како што рече, тука се одредени луѓе и овие работи треба да се поправат.