Поранешниот сириски премиер Ријад Хиџаб, кој се приклучи на опозицијата, би можел да биде назначен за шеф на преодната влада на Сирија, со што САД нема да мора да соработуваат со Абу Мухамед ал-Џулани, кого го сметаат за терорист, а кој е на чело на организацијата Хајат Тахрир ал-Шам што го собори Ал Асад. Медиумите освен славеничката атмосфера објавуваат и снимки од колекцијата луксузниот возен парк на Асад кој содржел четириесетина автомобили, меѓу кои црвено „ферари“ Ф50, кое вреди повеќе од три милиони долари, „ламборџини“, „ролс ројс“, „бентли“… По шпекулациите дека Асад загинал во несреќа на авионот со кој бегал, руските новински агенции објавија дека тој и неговото семејство се во Москва, каде што добиле азил од хуманитарни причини. Вчера САД извршија десетици воздушни напади врз цели на Исламската држава во централна Сирија за да не може да ја искористи ситуацијата
Поранешниот сириски премиер Ријад Хиџаб, кој се приклучи на опозицијата, би можел да биде назначен за шеф на преодната влада на Сирија, по падот на режимот на Башар ал Асад, објави вчера францускиот весник „Фигаро“.
Ако Хиџаб ја преземе таа функција, според пишувањето на весникот САД нема да мора да соработуваат со Абу Мухамед ал-Џулани, кого го сметаат за терорист, а кој е на чело на организацијата Хајат Тахрир ал-Шам што го собори Ал Асад. Хајат Тахрир ал-Шам е бунтовничка коалиција во која доминираат исламистите.
По падот на Асад, кој 50 години спроведуваше брутална диктатура, не само во Сирија, туку низ светот сириските заедници ја слават слободата во нивната земја. Во Германија, која е дом на најголемиот број сириски бегалци надвор од Блискиот Исток, стотици луѓе излегоа на улиците на главниот град Берлин, многумина држејќи плакати со лицето на Асад, прецртано со црвено.
-Изгубивме надеж пред неколку години, но сега таа се враќа. Подготвени сме за сè што ни претстои. Едноставно сме среќни. Не може да биде подобро, изјави Мухамед Хамзалимам за новинската агенција АФП.
За Мохамед Хаџи Махмуд, 19-годишен студент во Лондон веста дека Асад е соборен е „неверојатна“.
-Сирија е слободна, повторно ослободена. Затоа сега е наше време да ја обновиме и да создадеме нова земја, изјави тој за агенцијата.
На социјалните мрежи има и безброј видеа од многу делови на Сирија каде што луѓето го слават соборувањето на диктаторот, а се слави и во претседателската палата во Дамаск. Медиумите освен славеничката атмосфера објавуваат и снимки од колекцијата луксузниот возен парк на Асад кој содржел четириесетина автомобили. Возилата биле складирани во гаража во близина на претседателската резиденција во Дамаск, која била ограбена откако џихадистите влегоа во градот. Меѓу автомобилите има црвено „ферари“ Ф50, кое вреди повеќе од три милиони долари, а има и „ламборџини“, „ролс ројс“, „бентли“, а најмалку едно од возилата е со таблички од Дамаск.
Падот на Асад го поздрави и шефот на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој ја повика меѓународната заедница да поддржи политичка транзиција која е „инклузивна и сеопфатна“ и која „одговара на легитимните аспирации на сирискиот народ, во сета нивна различност“.
-Сирискиот народ сега може да ја искористи историската шанса да изгради стабилна и мирна иднина, рече тој.
Како што објави „Фигаро“, за попладнево е закажан итен состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Сирија, а консултациите биле на барање на Русија.
И додека трае славеничката еуфорија на Сиријците низ светот се поставува прашањето каде е Асад, кој го снема откако опозицијата го сруши неговиот режим. Прво се претпоставуваше дека авионот со кој бегал се урнал, но подоцна руските новински агенции, повикувајќи се на Кремљ објавија дека тој и членовите на неговото семејство добиле азил во руската престолнина од хуманитарни причини.
Уште едно, многу побитно прашање од тоа каде што е Асад го преокупира светот, а тоа е: што ќе биде сега со Сирија. Исламистичката алијанса Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која го собори Асад, ја објави својата прва изјава во неделата наутро: „До раселените луѓе во светот: ве чека слободна Сирија“. Почна ослободувањето на затворениците, меѓу нив и илјадници кои биле мачени како противници на режимот на Асад, но прашање е дали со тоа доаѓа слободата? Сега очите се вперени кон лидерот на ХТС, Абу Мухамед ал Џолани, кој сега во голема мера ја контролира земјата, пишува „Дојче веле“. Тој се огради од Ал Каеда и важи за противник на џихадистичката организација „Исламска држава“, што значи дека не е против Западот, но се претпоставува дека работи на создавање на еден вид „салафистички поредок“. Покрај ХТС, влијание во Сирија имаат и други групи, како на пример Сириската национална армија (СНА), која се смета за многу блиска со Турција, а се бори заедно со ХТС. Но, СНА постојано беше обвинувана за злосторства против човештвото поради наводни мачења на Курдите. Експертите велат дека сега сè зависи од тоа кои сили во СНА ќе преовладаат и каков однос ќе воспостават со ХТС, што го сметаат за конкуренција. Не треба да се занемари и влијанието на милициите кои се противат на Асад од југот на земјата, но се доминантно секуларни групи. Според „Дојче веле“, на север Курдите можат да се обидат да се позиционираат против СНА и Турција, која стои зад таа група, а тој конфликт носи и значителен потенцијал за насилство. Однесувањето на меѓународните актери е исто така многу важно за иднината на Сирија. Турција најверојатно ќе добие значително влијание.
Истовремено постои и страв дека Исламска држава може да ја искористи ситуацијата во Сирија. САД веќе интервенираа за да се избегне таа опција. Нивната Централна команда соопшти дека биле извршени десетици воздушни напади врз цели на Исламската држава во централна Сирија.
-Не треба да има сомнеж. Нема да дозволиме ИСИС повторно да се воспостави и да ја искористи моменталната ситуација во Сирија. Сите организации во Сирија треба да знаат дека ќе ги повикаме на одговорност ак она кој било начин се партнери или го поддржуваат ИСИС, рече генералот Мајкл Ерик Курила.
МНР апелира: Македонските државјани да ја напуштат Сирија
Поради влошената безбедносна ситуација во Сирија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија ги повикува сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика.
-Апелираме да се одложат сите патувања кон оваа држава. Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Сирија, се наведува во соопштението.
Оттаму посочуваат дека Министерството ги става сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани и посочува на СОС дежурниот телефон +389 75 268 736 (меил адреса: [email protected]).