Според законските процедури, Договорот треба да стапи на сила за околу две недели, кога Македонија и официјално ќе се преименува во Република Северна Македонија.
Законот според кој Договорот од Преспа се ратификуваше во грчкиот парламент и доби потпис од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, на 25 јануари беше објавен во Службен весник со што стана и официјален закон во Грција. Според законските процедури, Договорот треба да стапи на сила за околу две недели, кога Македонија и официјално ќе се преименува во Република Северна Македонија.
По ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент, Македонија е на чекор да стане членка на НАТО. Чешка веќе најави дека уште утре, понеделнички ќе побара Македонија да го потпише протоколот за членство во НАТО.
Првиот член од Договорот е во целост на англиски и преведен на грчки јазик. Вториот член вели дека Канцеларијата за врски во Скопје се подига на ниво во амбасада, а третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а Договорот по ратификацијата и по исполнување на предусловите, согласно членот 20.
По објавувањето во Службен весник, се очекува грчката страна со нота и официјално да ја информира Македонија. Дека договорот е ратификуван, и двете земји ќе го информираат посредникот во спорот од ОН, Метју Нимиц.
Во меѓувреме, Грција треба и официјално да го извести и генералниот секретар на НАТО дека Договорот од Преспа е ратификуван од нивна страна.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров појасни дека потоа процесот се префрла во Брисел, каде што Грција и 28 земји членки на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол за нас, а потоа ќе се врати назад во Атина на уште една ратификација.
– Со тоа практично се менува Вашингтонскиот договор, се прави место за нас како 30. земја членка на НАТО и во тој момент согласно одлуката за прогласување на уставните амандмани од 33 до 36 кои ние ги усвоивме тие влегуваат во сила, појасни македонскиот шеф на дипломатијата.
По стапување на договорот на сила во Македонија, земјата ги информира ОН и сите меѓународни организации дека новото име е Република Северна Македонија. Додека трае ратификацијата во парламентите на 29-те членки, Македонија ќе учествува во процесите во Алијансата, ќе добие столче, но нема да има право на глас.
-Со Договорот од Преспа се решава тридеценискиот спор што Грција го имаше со името на Македонија. Беше потпишан на 17 јуни минатата година. Постигнувањето на истиот не беше лесно, рече премиерот Заев. Но беше нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро. Тој е победа за сите, изјави ден по ратификацијата.
– Од денеска тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од заедничкото европско семејство, истакна Заев.
Тој истакна дека со Договорот и неговото спроведување се отвори патот за подобра иднина на македонските граѓани, за бркање на сеништата од минатото и за Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, кој ќе биде место со поврзани соседи, зона на економски процут и модел за интеграција.
Со прифаќањето и спроведувањето на одредбите од Договорот од Преспа, рече тој, победници се граѓаните на двете земји, но и од целиот наш регион. Победници се, додаде, и оние кои се противеа на Договорот, бидејќи и за нив доаѓа време на просперитет, мир и пријателство.
-Храбрите граѓани избраа да ги избркаат сеништата од минатото и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи, зона на економски процут, модел за интеграција. На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми кои се и наши проблеми, истакна македонскиот премиер.
По ова, додаде, на земјата и останува да работи на унапредување на економијата и обезбедување подобар живот за сите граѓани.
Последниот дел од пристапувањето е земјава и формално да го прифати членството во Алијансата, со референдум или со гласање во парламентот. Официјалното пристапување на Македонија како 30-та земја членка на Алијансата според најавите би се случило во 2020 година.
Трајко Славески, поранешен министер за финансии и сегашен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за „Ал Џазира“ го опиша Преспанскиот договор како пораз за Македонија.
Договорот претставува чиста капитулација според неодговорните барања на соседна земја, и членка на НАТО и ЕУ, и како таква не може да биде поддржана”, изјави Славески за Ал Џазира.
За Славески тоа не е само прашање на легитимитет туку и за наследство и идентитет.
– Името на државата, а згора на тоа, идентитетот, културата и историјата на нејзиниот народ се менуваа под огромен притисок, со бројни прекршувања на нашиот Устав и законите. Ова ги поткопува самите темели на нашата земја и општество, со сериозни последици за нашата иднина, тврди Славески.
Националниот советник за НАТО, Стево Пендаровски смета дека ратификацијата е добар сигнал за целиот регион и историски момент во сите параметри.
Во однос на изјавите на лидерот на опозициската грчка Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, дека кога ќе стане премиер ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ, Пендаровски рече дека тоа нема да може да го направи поради Договорот од Преспа.