Договорите со Грција и Бугарија во сенка одлуката на ЕУ и изборите

96

Политичките аналитичари за МИА оценуваат дека спроведувањето на договорите ќе биде во сенка на одлуката за недоделување датум за преговори и на изборите, но со различни гледања по исходот и отстапките што Северна Македонија е подготвена да ги направи.

Амбасадорот и шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, Ѓорѓи Филипов, во изјава за МИА оценува дека предвремените избори во земјава, предизвикани од недобивањето датум за почнување на преговорите со ЕУ, ќе имаат влијание на спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија. Влијанието ќе биде двојно, односно ќе има временска и квалитативна компонента, но, сепак, вели, не очекува тие да бидат поништени.

– Сметам дека ниту еден од договорите нема да биде поништен од ниту една од страните зашто тоа ќе доведе до нарушување на кредибилитетот на која и да било од нив и наполно нарушување на добрососедските односи, што значи враќање на почетната точка на прашањето за нашите евроатлантски интеграции, оценува амбасадорот Филипов.

Во однос на билатералниот договор со Бугарија, каде постојат спротивставени ставови по одредени прашања од историски, политички и социолошки карактер, значи од категории во кои научните и искуствените аргументи на двете страни се претежно од квалитативен карактер, што го диригира природата на науките (општествени науки, подлежни на моментално политичко расположение во државите од каде што доаѓаат експертите од соодветните области), посочува Филипов, можно е да дојде до забавување доколку некој од политичките чинители побара одложување или запирање на работата на експертската група сè до реализацијата на новите избори. Тоа, оценува, не е препорачливо бидејќи и онака самите експерти имаат тешкотии во наоѓањето заеднички формулации што треба да ги задоволат двете преговарачки страни. За поздравување е, додава, чинот што бугарската влада (премиерот Бојко Борисов) и голем дел бугарски интелектуалци благонаклоно гледаат и ги помагаат напорите за зачленување на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ.