Добро е што премиерот Мицкоски во Брисел не „мавташе“ со одложена примена на уставни измени!

Добро е што не „мавташе“  Мицкоски со одложена примена на уставни промени. Многу е подобро што се повика на Договорот за (не)пријателство, каде што уставни промени – нема! Силен му е аргументот дека треба да се спроведуваат договорите, ама таа обврска не важи и за предлозите каков што е францускиот или разни протоколи – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР. Според него, Брисел видел дека, преку неспорни аргументи, Македонија сега знае што бара и како да го постигне тоа и дека Унијата ќе мора да се соочи со тоа, иако првата реакција на Мишел е сосема логична – „треба да се спроведат обврските од минатото“

148

Аргументите во однос на Бугарија се на македонска страна и иако Брисел бара исполнување на обврските од минатото, добро е што македонските власти се проактивни во презентирањето на македонските интереси, сметаат дел од аналитичарите. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски анализира за весникот ВЕЧЕР дека за прв пат во Брисел Македонија покажала дека нема постојано да го витка ‘рбетот, туку одлучно ќе ги брани своите интереси. Според него, добро е што Мицкоски не „мавтал“ со одложена примена на уставни промени, како што се очекувало.

– Многу е подобро што се повика на Договорот за (не)пријателство, каде што уставни промени – нема! Силен му е аргументот дека треба да се спроведуваат договорите, ама таа обврска не важи и за предлозите каков што е францускиот или за разни протоколи. Брисел виде дека, преку неспорни аргументи, Македонија сега знае што бара и како да го постигне тоа. Унијата ќе мора да се соочи со тоа, иако првата реакција на Мишел е сосема логична – „треба да се спроведат обврските од минатото“. Незамисливо е да влегуваат записници во преговарачка рамка, како во нашиов случај, и затоа Мишел не може да се повика на вториот протокол со Бугарија. Меѓутоа, апсолутно е сигурно дека ниту Брисел, а особено Софија нема да се откажат од нашите понижувачки отстапки во него – вели амбасадорот Никовски.

Тој смета дека треба да следува втора фаза, кога детално ќе му се докаже на Брисел дека тоа што го прифатила претходната Влада е неспроведливо и спротивно на долгорочните интереси и на државата и народот, ама и на угледот на самата ЕУ.

– Истото мора да се проповеда и меѓу членките и да се бара најширока нивна поддршка, врз неспорните факти со кои располагаме. Сепак, ќе мора да се бара расплет во наше повлекување од вториот протокол, со што паѓаат во вода и уставните промени и преговарачката рамка, со која нема никогаш да стигнеме до ЕУ – вели поранешниот амбасадор во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Самите ја направивме невидената глупост, самите ќе треба и да ја исправиме. Така ќе ѝ помогнеме и на Унијата.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, пак, оценува дека пораките од премиерот Мицкоски и од европските челници, по посетата на македонската владина делегација на Брисел, се дијаметрално спротивни. Иако, како што вели, факт е дека државата направила премногу отстапки на патот кон ЕУ, пораката од претседателот на Советот на Европската Унија, Шарл Мишел, јасно кажува дека ЕУ останува на ставот дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски и да ги почитува договорите.

– Едноставно се судруваме со реалноста на меѓународната политика или на реал политиката. Колку и да сметаме дека се аргументите на наша страна и навистина, во овие 33 години, Македонија, надвор од Копенхашките критериуми, исполнуваше услови што не се предвидени при интеграцијата во ЕУ. Но, за жал, и самата ЕУ е организација што функционира со еден вид унисоно носење на одлуките и тоа е одлика на политиката на сите 27 земји членки, каде што го имаат правото на вето, а Македонија, како што знаеме, доби вето од Бугарија. И сега се наоѓаме во еден процес на транзиција при условено вето доколку ги внесеме Бугарите во Уставот за да го продолжиме нашиот европски пат – рече Атанасовски во изјава за телевизија „Канал 5“.

Атанасовски додава дека со оглед на тензичните односи со Софија и немањето политичка влада, во моментов нема речиси никакви шанси Бугарија да прифати „репреговарање“ или одложено дејство на уставните измени, што би значело и тапкање во место во процесот за преговори со ЕУ.

И аналитичарот Петар Арсовски се согласува дека е добро што македонската Влада е проактивна во Брисел. Во изјава за „Канал 5“, тој рече дека има уште пат за планот на новата Влада, но смета дека, сепак, ЕУ ќе ја врати топката во Софија. Теоретски, ЕУ ќе се согласи дека не треба да има ултиматуми, но има друга политичка призма во Бугарија, вели Арсовски.

По враќањето од Брисел, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека им пренел на европските лидери дека тој и оваа Влада нема да прифаќаат ултиматуми. Тој го повтори ставот дека ако ЕУ навистина ја сака Македонија во европското семејство, тогаш уште веднаш може да ги отвори преговорите за земјава. Мицкоски е дециден дека во Договорот за добрососедство нема одредба што предвидува промена на Уставот, како што се бара со францускиот предлог и вели дека Бугарија мора да го почитува Договорот, како што се бара тоа од Македонија во однос на Преспанскиот договор со Грција.

-Ако важи принципот пакта сунт серванда за Преспанскиот договор, тогаш треба да важи и за Договорот за добрососедство. Нека ми каже еден во Брисел каде стои во тој пакта дека ние треба да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е францускиот предлог, тоа е предлог, не е договор. Како може да важи за нас Преспанскиот, тогаш мора да важи и Договорот за добрососедство, а таму вели дека нашиот источен сосед ќе нè поддржува и нема да нè кочи во евроинтегративните процеси. Тоа е пакта, тоа е договор, не е договор францускиот предлог – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пак, по средбата со Мицкоски испрати порака дека земјава има реална можност да се приклучи кон европското семејство, но посочува дека за тоа е потребно да се спроведат обврските од минатото. (В.С.Н.)