Добрила Чабриќ го прослави 96. роденден – Имам силна желба да снимам песна во дует со Стјепан Џими-Станиќ

7257

Челичната музичка дама од Дојран славеше со медена торта, музика и смеа!

Верувам дека знаете кој е Џими. Оној што ја пее славната песна „Мојата кобила Сузи“. Каков дует би било тоа Добрила и Џими! Најпопуларниот и најстариот жив балкански дует, ако не и европски. Двајцата „тежиме“ 190 години!!!

Добрила Чабриќ, најстарата според годините, пејачка на Балканот, ако не и пошироко, а која слободно може да го носи епитетот „челичната музичка дама“, по потекло од Дојран, на 1 февруари оваа година наполни 96 години. Верувале или не! Секогаш е со позитивна енергија, со позитивни мисли, секогаш расположена за песна, музика и танц. Добрила е една исклучителна личност за која слободно може да се каже дека е личност на годината. Жена феномен, жена за сите времиња. Супер бабичката која и во 96. година живее по принципот „кој пее, зло не мисли“. Да издадеш автобиографска книга, да снимиш нова песна, да патуваш и гостуваш во земјава и во странство, а згора на тоа сето тоа во тие години прават Доби да е „simply the best“!

-Мојот роденден, ни кажува Доби, не го прославив во мојот  прекрасен Дојран, туку во Србија. Поточно во Пожаревац. Така се наместија работите. Во овој град, открива таа за весникот ВЕЧЕР, тамошното Здружение на пензионери ми направи посебна чест.       Ми подготвија убава медена торта. Со благо и со песна ми го честитаа 96. роденден. Сакам да ви откријам дека од оваа година, заедно со мој пријател од Ужице започнуваме со производство на специјален еликсир од мед, по мој рецепт. За сите оние што сакаат да ја „доживеат стотката“ во животот ќе им го понудиме медот под името „Златна Доби – еликсир на младоста“.

Кога ја спомна песната, нејзината прва и последна љубов, ја прашавме Доби,  како поминува во Србија нејзината најнова „Нисам још рекла све“ („Сè уште не сум кажала сè“)?

-Морам на сите да се пофалам, дека песната  станува голем хит во Република Србија. Тоа е една фантастична хитовска, мераклиска песна која во неколку строфи го отсликува целиот мој живот. Музиката и текстот се на Цеца Миловановиќ-Сјеклоца, аранжманот го направи маестро Живојин Глишиќ. Песната е снимена во студиото „Сити саунд“ во Скопје, каде продуцент и мајстор за звук беше Љупчо Соколовски. Како солисти настапуваа Дарко Илиевски – хармоника и Новица Соколовски – кларинет. Целиот овој „дрим“ тим се согласи дека оваа песна треба да биде подарок за мене.    Во чест на мојата мината долгогодишна професија, која ми е мојот неисцрпен извор на енергија, која ми дава и волја за живот.

Многумина знаат дека не ми беше лесно низ животот. Но во песната се вели тоа што е вистината за мене: „Понекогаш моите нозе по трња газеа, понекогаш со мед испивав и чаша со пелин, но кога ќе ме кршеа, станував и продолжував натаму уште посилна….“

Добрила, за читателите на весникот ВЕЧЕР, ексклузивно открива што  си посака за својот роденден, но и за целата оваа 2024 година.

-Ете навистина јас сè уште не сум рекла сè. Покрај печатењето и промоцијата на мојата книга „На патот кон стотата“ на македонски јазик, планирам, здравје Боже, во соработка со МНТ на пролет да направам монодрама, базирана на книгата. Покрај моите монолози, ќе пеам многу романси, шансони и канцони. Ќе ги пеам и оние песни од Русија, Франција и други држави, кои ги пеев пред познати и еминентни личности. Се разбира ќе има и песни од времето кога со „Дуо Нанос“ жаревме и палевме низ Југославија и надвор од границите на таа тогашна татковина.

Можеби имаш уште некоја вистинска и единствена голема желба?

 -Токму така. Силно сакам да снимам заедничка песна со легендарниот пејач Стјепан Џими-Станиќ. Верувам дека знаете кој е Џими. Оној што ја пее счавната песна „Мојата кобила Сузи“. Каков дует би било тоа Добрила и Џими! Најпопуларниот и најстариот жив балкански дует, ако не и европски. Двајцата „тежиме“ 190 години, радосно објаснува оваа витална и духовита жена.

И, што би можеле да кажеме за крај на оваа медена приказна… освен да ѝ посакаме среќен роденден на Доби од Дојран. Познавајќи ја енергијата и харизмата на Добрила, знаеме дека дуетот со Џими не е невозможен. Или што би рекол писателот, веруваме дека сите сили на овој свет ќе се соберат да ѝ ја исполнат оваа нејзина роденденска желба. До наредниот 97 роденден. И пак со некоја нова желба. Сè така до 101 и назад. Тоа е Добрила, нашата уметница-кралица!                                                 Љубчо Алексовски