Водниот свет е поразноврсен од што знаеме: Откриен нов вид отровна медуза со 24 очи

202

Научниците од Универзитетот во Хонг Конг објавија дека откриле нов вид медуза во природниот резерват Маи По во градот, што е прво откритие на отровен вид во кинеските води.

Баптистичкиот универзитет (HKBU) со Светскиот фонд за дивиот свет во Хонг Конг (WWF HK), Океанскиот парк во Хонг Конг и Универзитетот во Манчестер објавија дека заеднички тим собрал примероци од медузи во текот на 2020-2022 година и открил дека станува збор за нов вид. Го доби името Tripedalia maipoensis.

Нејзиното тело е во форма на коцка, безбојно со 24 очи. Има три краци долги до 10 сантиметри, кои наликуваат на бродски лопатки, што и овозможува да произведува силни замавнувања и да плива побрзо од другите видови медузи, се вели во студијата, пренесува Танјуг.

Иако моментално видот е откриен само во Маи По, тимот на научници верува дека е широко распространет и во соседните води, устието на реката Перл.

Коцкастите медузи „се слабо познати во кинеските морски води. Нашето откритие на Tripedalia maipoensis во Маи По, релативно добро проучено подрачје, ја истакнува богатата разновидност на морскиот свет во Хонг Конг, па дури и во цела Кина“, велат научниците.

Според студијата, медузите, кои припаѓаат на класата Кубозои, вклучуваат некои од високо отровните морски животни кои се широко распространети во тропските води.