Дневница над 1.600 денари, но работници нема

Земјоделците мака мачат да најдат берачи. Велат дека, и покрај тоа што се зголемуваат дневниците секоја година, работна рака нема. Годинава, дневниците се зголемени за 20 до 30 отсто и се движат од 1.600 денари, па нагоре, во зависност од земјоделската култура. Кај нас, претежно се одгледуваат трудоинтензивни култури во кои работната рака тешко може да се замени со механизација и да се намалат трошоците. Друг проблем е што механизацијата е многу скапа и за земјоделците е поевтино да ангажираат работна рака отколку да купат комбајн, кој чини 100 илјади евра

3792

Земјоделците мака мачат да најдат берачи. Велат дека, и покрај тоа што се зголемуваат дневниците секоја година, работна рака нема. Годинава, дневниците се зголемени за 20 до 30 отсто и се движат од 1.600 денари, па нагоре, во зависност од земјоделската култура. Кај нас, претежно се одгледуваат трудоинтензивни култури во кои работната рака тешко може да се замени со механизација и да се намалат трошоците. Друг проблем е што механизацијата е многу скапа и за земјоделците е поевтино да ангажираат работна рака отколку да купат комбајн, кој чини 100 илјади евра.

– Дневниците во земјоделството се зголемуваат секоја година. Моментално се движат околу 200 денари за час, во зависност од културата што се бере и од физичката сила, односно колку може да набере работникот. И покрај тоа што веќе нема дневница во земјоделството под 1.600 денари, берачи нема. Миграцијата си го направи своето. Поради тоа, сите гледаат да произведат нешто за што се потребни помали трошоци и помало ангажирање работна рака – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Вангелов, член на Управниот одбор во Националната федерација на фармери.

Но, освен за работна рака, сè поголеми се и трошоците за механизација. Освен што има култури што не може да се берат со машини, сè поголем дел од земјоделците не може да си дозволат да ангажираат машини за берење или комбајни.

– Поевтино е да ангажираш работна рака отколку да купиш комбајн. Така, на пример, една годишна плата на еден работник е 5-6 илјади евра, а да се купи еден комбајн, потребни се 100 илјади евра. Кај житните култури, ситуацијата е поинаква. Овие култури претежно се берат со механичка берба и може да се намалат трошоците. Додека, пак, во градинарството, односно за берба на зелка, домати, пиперки, краставици, тутун, грозје… потребна е работна рака, која сè помалку ја има – објаснува Вангелов.

И Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, вели дека земјоделството станало многу неатрактивна гранка и, поради тоа, сите бегаат од него.

– Земјоделството, во последните години, има дефицит на работна сила. Младите не сакаат да работат земјоделство и се иселуваат од државата. Онаа работна сила што е останата, е над 55 години. Колку е ефективна тоа, е друго прашање. Земјоделството стана недоходовна гранка. Берачите не можат да остварат реални дневници, но и земјоделците немаат економска одржливост. Причината е што, последниве години, продажните цени се исти или пониски од производствените и нема никаква добивка – вели Каракашев.

Тој додава дека, и покрај тоа што се зголемени дневниците за 20 до 30 отсто во однос на лани, нема млада работна рака. Во државата повеќе се одгледуваат трудоинтензивни култури и тешко може да се замени работната рака со механизација.

Според Каракашев, најголем проблем се ниските цени. Доколку има реални, откупни, во земјоделството ќе има пари и за земјоделците, и за берачите, и за механизација, и за нови инвестиции.

Проблем со недостиг на работна сила во земјоделството имаат и соседните земји. Во Србија, мака мачат да најдат берачи на малини. Огласите за берачи ги преплавија социјалните мрежи и локалните портали во Србија. Наоѓањето работна сила не е лесно со години, иако тие може да заработат добри пари за помалку од еден месец работа, бидејќи дневниците се движат од 4.000 динари, па нагоре, со платени сместување и храна.

(А.С.)