Дневната евтина тарифа ќе се воведе кон крајот на ноември, вели Бислимоски

248

Дневната евтина тарифа ќе се воведе кон крајот на ноември оваа година, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тој додаде дека погрешно се добило впечаток дека оваа тарифа ќе се врати на 1 јули годинава, бидејќи компанијата ЕВН Хоум, поради технички причини, барала рок за враќање на оваа тарифа од девет месеци до една година.

Бислимоски вели дека тој лично е против враќање на 1 јули на данокот на додадена вредност за електрична енергија од сегашните 10 на 18 отсто. Смета дека се уште енергетската криза не е во потполност завршена и дека задржувањето на пониската стапка на овој данок ќе остави простор за подобро превенирање на можни идни енергетски шокови.

-Ако ме прашувате мене лично, јас сметам дека би било добро да се почека со промената на ДДВ-то бидејќи се уште немаме целосно стабилизирани цени на електрична енергија и на природен гас и во Европа и во Македонија. Во моментов цената на електрична енергија на унгарската берза Худекс се околу 160 евра за мегават час која е три пати поголема од онаа во 2021 година, изјави Бислимоски.

Исто така тој истакна и дека долгот што го имаат кон ЕВН од 50 милиони евра настанат бидејќи оваа компанија за време на врвот на енергетската криза набавуваше струја за технички загуби по многу високи цени, а кои Комисијата не ги вметна во трошоците за да нема зголемување на цената на струјата за граѓаните, ќе бидат враќани по 10 отсто годишно. Бислимоски смета дека сепак нема да требаат 10 години за да се расчисти долгот кон ЕВН, туку овој период ќе биде пократок и компанијата ќе си ги добие овие 50 милиони евра побрзо.

И премиерот Димитар Ковачевски не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија.

– Цената на електричната енергија ја дефинира РКЕ, но не очекувам да има ценовен шок. Истото го кажав и пред претпоследното определување на цената на струјата. Тогаш сите велеа дека ќе има зголемување на цената на струјата од 30 до 60 проценти. Тоа се истите скептици, истите критизери кои единствено сакаат да внесат немир и дезинформации кај граѓаните, изјави Ковачевски.

Тој посочи дека во Буџетот има финансиски средства за антикризни мерки со кои ќе биде помогната ЕСМ.

Во однос на воведувањето на дневната евтина тарифа, Ковачевски рече дека одлуката ја носи РКЕ и додаде дека за тој процес на ЕВН му е потребно време за да ги намести броилата во домаќинствата.

– Ако биде донесена таква одлука, бидејќи не можам да зборувам во име на РКЕ, тогаш сигурно на ЕВН ќе му биде потребен определен временски период за да тоа го воведе во сите броила на домаќинствата, рече Ковачевски.

Инаку ЕСМ на ЕВН Хоум ќе продава струјата по 53 евра за мегават час и ќе покри 100 отсто од вкупно планираните количества. Сепак, во вкупната цена освен понудената цена од страна на ЕСМ влегуваат и други влезни параметри како што се цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција, како и ДДВ-то кое од 1 јули повторно ќе изнесува 18 отсто, наместо досегашните 10 отсто.

ДДВ-то на конечната цена влијае околу 7,2 отсто, а претходно МЕПСО до РКЕ достави барање за зголемување на цената за преносот за 50 отсто, Електродистрибуција, пак, побара зголемување на цената за делот на дистрибуција за околу 30 отсто.

Регулаторната комисија се очекува неделава да ја донесе одлуката за цената на струјата што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во наредните шест месеци, почнувајќи од 1 јули.