Провалија длабока триесетина метри се наоѓа на кејот на реката Вардар на потегот зад хотелот „Русија“, во насока на мостот „Близнак“. Таа, во должина од 50 метри, го следи работ на горната пешачка патека и претставува голема опасност за пешаците, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег, особено ноќе кога видливоста е значително намалена.
На ова денеска предупреди директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој апелираше до Град Скопје и Општина Аеродром итно да постават заштитна ограда која ќе ја гарантира безбедноста на многубројните граѓани.
-Со огорчување сакам да укажам дека не треба да се чека некој да настрада, да загине или да се повреди, а потоа поттикнати од трагедијата да се обезбеди ова опасно место – нагласи Ангелов.
Тој информираше дека порано на ова место постоела лимена ограда, која веќе подолго време е отстранета.
ЦУК уште во средината на јуни, по пријава на граѓани, испратил известување со барање за отстранување на оваа опасност до Град Скопје и Општина Аеродром, која поради ерозијата постепено се зголемува.
Како што наведе Ангелов од Градот итно биле преземени мерки за делумно намалување на опасноста со поставување на знаци за забрането движење и заштитна лента со укажување дека во наредниот период ќе се постави и лимена заштитна ограда, иако, како што известиле самата провалија била во надлежност на Општина Аеродром.
Но, за жал, несовесни граѓани ја скинале заштитната лента, ги откорнале знаците за опасност и ги фрлиле во провалијата.
Од тие причини ЦУК неколку пати побарал интервенција од Град Скопје, но и по шест месеци провалијата сè уште не е обезбедена.
(А.П.)