Диџеј Стар Бој со втор албум „Евровизија“: „Јас сум добар, но имам амбиција да бидам најдобар рапер!“

18

Во саботата, во кафулето „Френклин“ беше одржана промоција на вториот студиски албум на Ване, попознат во светот на музиката кака Стар Бој. Во присуство на семејството, најблиските соработници и на пријателите, тој го промовираше својот нов албум наречен „Евровизија“, кој е составен од дванаесет песни, од кои дел се во соработка со други артисти од Бугарија и од Македонија. Најави и песна со специјален артист од Македонија, кој живее во Италија. Откри дека со него има песна во која пее и на италијански и на македонски.

Како што напомена и самиот, името на овој албум доаѓа само од Европа, а на прашањето дали, можеби, има план во иднина да ја претставува Македонија на натпреварот за песна на Евровизија, одговори негативно.

– Сега-засега, не ми е тоа во план. Името на албумот “Евровизија“ е затоа што звукот доаѓа од Европа, како и животниот стил и сè останато – изјави Стар Бој.

Интересно за него е тоа што веќе 10 години живее во Париз, каде што работи како диџеј. Вели дека разликата во музиката меѓу Франција и Македонија е огромна.

– Има многу голема разлика меѓу музичката сцена во Македонија и во Франција. Пред сè, во бројот на артисти, потоа и во жанровите на музика што се креираат и целиот шоу-бизнис – појасни тој.

Сепак, и покрај сè, тој се надева дека ние, како земја, ќе се обидеме да се доближиме на музички план до европската сцена со тоа што ќе се прават квалитетна музика и добри проекти. Верува дека овој албум навистина ќе го доживее својот врв, бидејќи е нешто поразлично и, како што напомена, е негов животен стил.

– Не би се гледал себеси како најдобар рапер, можеби, сум добар рапер, талентиран, имам амбиција да бидам најдобар и ќе се потрудам да биде така со моите проекти – беа само дел од изјавите на Стар Бој пред публиката.

Меѓу другото, најави и нови проекти.

Стар Бој нема конкуренција, како што кажа, самиот на себе си е конкуренција и тоа е сосема доволно за него.

Познатиот водител и шоумен Давид Давидовски ја водеше промоцијата и имаше само пофални зборови за овој албум.

Инаку, Ване доаѓа од  Велес, има 32 години и, покрај промоција на својот албум, го прослави и својот роденден. Тој е татко на две деца. (С.Б.)