Дисциплинска постапка за началникот на МВР кој го поддржува Хамас

593

Министерството за внатрешни работи известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа „Фејсбук“ во врска со нападите на Хамас врз Израел.

Против него, како што информираат од МВР, ќе биде поведена дисциплинска постапка, односно ќе следуваат соодветни санкции.

„Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир“, се истакнува во официјалното соопштение.

Информацијата следува по објавата на социјалните мрежи од страна на поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, каде што јавно прашува дали Пендаровски и Спасовски ќе го премолчат тоа што висок началник во МВР ги поддржува, како што вели, Хамас и нападот во Израел.