Директорите земаат плата секој месец, а задругите не функционираат

Земјоделските задруги во државата никако да профункционираат. И покрај тоа што се покажаа задругите како успешен модел на здружување на земјоделците во целиот свет, во Македонија постојат само на хартија. Кај нас, директорите земаат плата секој месец, а задругите не функционираат, велат земјоделците. И експертите се согласуваат дека во практика нема ништо од земјоделските задруги, кои требаше да обезбедат заеднички пристап во производството и заеднички пласман. Во земјава има само околу 50 задруги, додека во Европа еден земјоделец е член во три или во четири задруги

1050

Земјоделските задруги во државата никако да профункционираат. И покрај тоа што се покажаа задругите како успешен модел на здружување на земјоделците во целиот свет, во Македонија постојат само на хартија. Кај нас, директорите земаат плата секој месец, а задругите не функционираат, велат земјоделците. И експертите се согласуваат дека во практика нема ништо од земјоделските задруги, кои требаше да обезбедат заеднички пристап во производството и заеднички пласман. Во земјава има само околу 50 задруги, додека во Европа еден земјоделец е член во три или во четири задруги.

– Заканите од климатски промени, проблемите со недоразвиеноста на земјоделството, како и грешките што се правени во изминатиов период, може да се решат со здружување на земјоделците, односно со формирање земјоделски задруги. Mинистерството за земјоделство, општините, регионалните центри на планските региони и самите задруги го немаат положено испитот, бидејќи во земјава има само околу 50 задруги – изјави Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежата на земјоделски задруги.

Според него, и финансиската поддршка од државата е нередовна и опфаќа мал број задруги.

Земјоделските експерти се согласуваат дека нашата земја мора да се приближи кон европските трендови, а едно од решенијата во земјоделството е задругарството, со цел да опстои производството, но и да се надминат проблемите со пласманот, како и со цените на производите.

– Задругите што постојат во државата, не го оправдаа своето постоење. Тие требаше да претставуваат најголем облик на здружување на земјоделците, односно да обезбедат заеднички пристап во производството (застапеност на една сорта на иста површина) и заеднички пласман. Но, досега ништо не се направи од сето тоа, освен што директорите секој месец земаат плати. Задругите во државата не функционираат – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.

Тој вели дека земјоделците сами се снаоѓаат и при производството и при пласманот на земјоделските производи.

– Институциите треба да проверат зашто не функционираат задругите. Државата досега даде многу пари и вложи многу труд за развој на земјоделските задруги, но ситуацијата на терен е поинаква. Задругите не ја вршат функцијата за која се формирани – додава Велков.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на Меѓународниот ден на задругите, на 6 јули, посочи дека земјоделските задруги се во фокусот на Министерството и, како што рече, се битна алка во решавањето на проблемот со пласманот на нашите земјоделски производи.

– Мораме да работиме да го развиваме задругарството. Во моментов се наоѓаме во еден правен вакуум, бидејќи Законот за земјоделски задруги е укинат. Се формираше еден посебен Закон за задруги, меѓутоа, делот на земјоделските задруги остана недефиниран. Презедовме обврска веќе во наредниве месеци да го измениме Законот за земјоделство и рурален развој, каде што ќе ги дефинираме земјоделските задруги и нивното здружување. Во нашата владина програма, ние го имаме ставено фокусот на задругарството, преку разни мерки и проекти, сè со цел овој начин на здружување да биде една од алките во решавањето на пласманот на нашите земјоделски производи – истакна Трипуновски.

Организирањето на земјоделците во задруги е, несомнено, еден од најефективните начини за подобар пристап до финансии, информации и до пазари. Земјоделските задруги им овозможуваат на производителите да остварат економски придобивки, кои, инаку, не би можеле да ги постигнат сами. Задругите ја подобруваат преговарачката моќ, ги намалуваат трошоците преку здружување на капиталот и ресурсите и овозможуваат подобар пристап до некои услуги, како што е маркетингот, кои се потешко достапни за поединците. Преку задругите, земјоделците можат да постигнат поефикасна економија на обем, со намалување на единичните трошоци за „инпути“ и услуги. Земјоделските задруги овозможуваат заедничко решавање на проблемите, развивање нови пазарни можности или проширување на постојните пазари.

(А.С.)