Димитров – најсериозен кандидат за претседател на Северна Македонија

138

Извори од СДСМ коментираат дека притисокот дополнително се засилува по засега непотврдените информации дека и универзитетската професорка Гордана Силјановска се вклучила во предизборната трка, како и по најавата на интегративците дека самостојно ќе настапат на претседателските избори.
Извори од “Бихаќка” за весникот ВЕЧЕР откриваат дека шефот на македонската дипломатија е најсериозен кандидат за шеф на државата. Никола Димитров е фаворит и за членовите на раководните органи, со оглед на успешното спроведување на Договорот од Преспа, ратификацијата во грчкиот парламент, и најавата за потпишување на пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО


Тактизира ли власта со одлуката за предвремени парламентарни избори или сеуште се преговара за консензуален кандидат со ДУИ. Иако беше најавена, вчера не се одржа седницата на Извршниот одбор, на која требаше да се расправа за можноста, заедно со претседателските, да се одржат и предвремени парламентарни избори.

Официјално, според информациите од партијата причина за одложувањето е отсуството на некои министри од државата, но неофицијално, партијата се уште нема изградено заеднички став за ова, но и за другите клучни прашања како што е изборот на партиски кандидат за претстојните претседателски избори.

Во недостиг на официјални информации и одлагање на конечната одлука, се интензивираат шпекулациите кој ќе биде партискиот фаворит за шеф на државата.

Досега во јавноста се спомуваа имињата на Радмила Шеќеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски и Оливер Спасовски, но не се исклучувааат изненадувања до конечната одлука.

Извори од СДСМ коментираат дека притисокот дополнително се засилува по засега непотврдените информации дека и универзитетската професорка Гордана Силјановска се вклучила во предизборната трка, како и по најавата на интегративците дека самостојно ќе настапат на претседателските избори.

Извори од “Бихаќка” за весникот ВЕЧЕР откриваат дека шефот на македонската дипломатија е најсериозен кандидат за шеф на државата, а тоа го потврдиле и внатрепартиските анкети кои финишираат деновиве, а на кои тој високо котирал заедно со уште еден кандидат чие име засега не се открива.

Истите извори коментираат дека токму Димитров е фаворит за членовите на раководните органи, со оглед на успешното спроведување на Договорот од Преспа, ратификацијата во грчкиот парламент, и најавата за потпишување на пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во неколку наврати досега избегна директно да одговори дали тој би бил претседателски кандидат на претстојните избори, но рече дека му е чест што името се споменува како можен кандидат.

– Ова е важен процес што вклучува консултации и одлуки на партиско ниво, консултации со политички партии, со граѓаните -во смисла на анкети. Рано е, мора да ги почитуваме овие процеси. Голема чест е името да ти се споменува ама имајќи ги во предвид кандидатите што се споменуваат убеден сум дека како коалиција за иднината ќе излеземе со кандидат кој ќе победи и ќе има убаво и зрело партнерство со Владата, рече Димитров.

ДУИ се уште се двоумат дали да излезат со свој кандидат, дали да го поддржат кандидатот на СДСМ или пак некој заеднички кандидат со останатите партии од албанскиот блок.

Од ВМРО- ДПМНЕ соопштија дека до партијата до сега стигнале осум кандидатури но рекоа дека нивниот број би можел да биде поголем доколку има испратени кандидатури по пошта па конечниот број и имињата најавија дека ќе ги соопштат до вторник. Кандидатот на опозицијата ќе биде избран на партискиот конгрес кој е најавен за 16 февруари.

Цензусот за претседателските избори и понатаму останува најголемиот предизвик за партиите. Познавачите ценат дека иако од пред десетина години е намален на 40 %, прагот за избор на прв човек на државата и понатаму е висок.

Во 2008-та година, цензусот за избор на претседател на државата беше намален од 50 на 40 проценти. Одлуката беше резултат на договор меѓу четирите најголеми партии тогаш, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Токму тоа е причината што стана пракса секогаш кога има претседателски избори, да има двојни избори- или предвремени парламентарни, или локални избори.

Последни претседателски избори без со нив да има предвремени парламентарни или локални се одржаа пред 15 години кога Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев. Тогаш излезноста беше 53,6 отсто. Потоа цензусот беше намален на 40 отсто, па на изборите во 2009 година кои се одржаа заедно со локалните и Ѓорге Иванов го победи Љубомир Фрчкоски, а одзивот беше 42,61,малку над потребниот минимум. Во 2014 година претседателските избори беа заедно со предвремени парламентарни, а одзивот тогаш беше околу 54 отсто.

Епилог со двојни избори е се поизвесен и овојпат, особено по фактот што на последниот референдум за промена на името беа евидентирани околу 37 проценти излезност. Доколку се одлучи заедно со претседателските да има и предвремени парламентарни избори, најверојатно парламентарните би се одржале на 5 мај, за кога се предвидува втор круг гласање за претседателски избори.