Димитров: Инвертерите ги намалуваат сметките за струја за три пати, се чека укинување и на давачката пристап до мрежа

– Со вложување во клима-инвертери и во сончеви колектори, три пати ќе се намали трошокот за електрична енергија. Од една страна, трошиш еден киловат-час, а добиваш три или четири киловат-часови. Од друга страна, се заштитува животната средина. Оние што се грееле на дрва, сега ќе се префрлат на клима- инвертери и нема веќе да ја загадуваат околината со тешки метали. Мерката е особено добра на локално ниво, каде што поголем дел од населението се грее на дрва – изјави за весникот ВЕЧЕР енергетскиот експерт Константин Димитров. Тој додава дека она што треба да се укине е давачката пристап до мрежа, која, според него, ја вовеле регулаторите затоа што ЕВН немал доволно промет. – Така, сега сите граѓани мораат да платат плус 200 денари за да не се намали заработувачката на ЕВН. Ако се направи пресметка дека во државата има најмалку 600 илјади домаќинства, по 200 денари, тогаш излегува дека на сметката на ЕВН се слеваат милионски суми – појаснува Димитров.

5698

Добро е што се даваат ваучери за клими, но треба да се укине и давачката пристап до мрежа, како што вети владејачката коалиција во предизборната кампања, изјави универзитетскиот професор и енергетски експерт Константин Димитров за весникот ВЕЧЕР. Според него, со доделувањето ваучери за клима-инвертери ќе добијат граѓаните, но ќе добие и државата, додека со плаќањето на надоместокот за пристап до мрежа добива само ЕВН, а граѓаните губат.

– Со вложувањето во клима-инвертери и во сончеви колектори, три пати ќе се намали трошокот за електрична енергија. Со поставувањето клима-инвертери, имаш двојна добивка. Од една страна, трошиш еден киловат-час, а добиваш три или четири киловат-часови. Од друга страна, се заштитува животната средина. Оние што се грееле на дрва, сега ќе се префрлат на клима- инвертери и нема веќе да ја загадуваат околината со тешки метали. Мерката е особено добра на локално ниво, каде што поголем дел од населението се грее на дрва – вели Димитров.

Тој потенцира дека мерката е добра бидејќи ќе ги намали трошоците за греење, а уште ако може да се поврзе со ваучерите за сончеви колектори, ќе биде одлична.

– Она што не е добро и што треба да се укине е давачката пристап до мрежа. Регулаторната комисија за енергетика ја воведе оваа давачка за сите потрошувачи затоа што ЕВН немал доволно промет. Така, сега сите граѓани мораат да платат плус 200 денари за да не се намали заработувачката на ЕВН. Ако се направи пресметка дека во државата има најмалку 600 илјади домаќинства, по 200 денари, тогаш излегува дека на сметката на ЕВН се слеваат милионски суми – појаснува Димитров.

Во однос на барањата на енергетските компании МЕМО и МЕПСО, кои бараат покачување на цената на својата услуга за 50 до 80 отсто, Димитров вели дека тие се државни компании и државата може да им одобри или да не им одобри, но кога станува збор за ЕВН, ништо не можат да му кажат.

Премиерот Христијан Мицкоски вети дека ќе се укине надоместокот пред формирањето на новите цени од 1 јануари 2025 година. Тарифата за пристап на мрежа од 200 денари е давачка што ја воведе СДСМ со цел да собере повеќе пари од граѓаните во буџетот.

Ваучерите за инвертер клима-уреди е мерка што, како што велат надлежните, е во насока на остварување на целите на Владата за поддршка на животниот стандард на граѓаните и за намалување на аерозагадувањето. За мерката може да аплицираат вкупно 6.182 домаќинства, а средствата во висина од 23 до 25 илјади денари ќе бидат обезбедени преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата и Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија.

– Граѓаните треба да потпишат и договор. Доколку се праќаа по пошта, ќе беше потребно повеќе време да се пратат назад потпишаните договори. Граѓаните не мораат да чекаат со часови, може да ги подигнат во Министерството, до крајот на месецот – изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска, на доделувањето на ваучерите.

Ваучерите мора да се искористат до 30 ноември. По овој рок, тие не важат.

На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот што не е за ранливите потрошувачи, барања доставија 14.500 баратели, а на огласот за ранливите потрошувачи – 4.305 баратели.

Согласно со јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливите потрошувачи, за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лицата со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со двајца членови и 35.000 денари за домаќинство со тројца членови). За домаќинствата со четворица членови, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинствата со петмина или со повеќемина членови – 45.000 денари. Дополнително, за неранливите потрошувачи од Пелагонискиот и од Југозападниот Регион, предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за другите региони – по 23.000 денари.

(А.С.)