ДИМИТРИЕВСКИ: Куманово првпат во историјата доби бесплатен јавен превоз за сите 

156

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во телевизиско гостување, потенцираше дека Куманово за првпат во својата историја доби бесплатен јавен превоз.

-Ова е идеја што наиде на консензус во Советот, Општина Куманово со 30 милиони денари ќе го субвенционира градскиот превоз или некаде 40 денари по километар за секое движење на автобус. За еден километар изминат на автобус превозниците ќе добијат 40 денари од општината и тоа се навистина скромни средства ако земете превоз на такси возило од 50, 60 денари. Нашата цел е првенствено да создадеме навика за користење на јавен превоз. Дополнително, да го сузбиеме дивиот превоз, дивите превозници, што се сериозен проблем на градот. Да го намалиме аерозагадувањето и да го намалиме сообраќајниот метеж во централното градско подрачје – истакна Димитриевски.

Според него, ако се изземат овие празнични денови кога секогаш е зголемен сообраќајот во централното градско подрачје, дури по 15 јануари ќе се почувствува суштински оваа мерка.

-Според она што јас го гледам, ние интензивно почнавме заедно со превозниците или вршителите, давателите на услуга коишто се некаде осум компании во градот на имплементација на овој проект – вели Димитриевски.

Тој нагласи дека во моментов има проблем на локација Куманово – Клечовце којашто е меѓуградска релација, а не е општинска.

-Со превозникот се обидуваме да изнајдеме решение и овие наши граѓани на село Клечовце да ја користат оваа услуга и верувам тоа ќе се случи во блиска иднина – изјави Димитриевски.

Тој додаде дека доколку оваа мерка се покаже како добра во имплементацијта на шест месеци, таа би можела да се продолжи доколку буџетот на општината дозволува. Инаку, првичните анализи и сондажи според Димитриевски покажале дека има голем интерес за бесплатен јавен превоз.

Тој објасни дека превозниците имаат обврска да се придржуваат кон редоследите и распоредите на движење на автобусите коишто се во постапката на тендерирање на линиите.

-Имаме вкупно 27 линии, се договоривме со превозниците по првиот месец да направиме анализа кои линии се користат масовно, а кои не се користат, за да бидат редуцирани, но и за да бидат воведени дополнителен број на линии таму кадешто има потреба. За првпат и превозниците чувствуваат бенефит во оваа тешка социо – економска состојба каде општината издвојува буџетски средства за субвенционирање на јавен превоз. По имплементација на самата одлука, по шест месечното користење ќе направиме релевантна теренска анкета кадешто ќе ги прашаме граѓаните и потоа ќе одлучиме дали ќе продолжиме со оваа мерка – посочи Димитриевски.