Во 2025 година следува и дигитална реставрација на наслови од ‘златното време’ на македонскиот анимиран филм, од 70-тите и 80-тите години на минатиот век, на авторите Делчо Михајлов и Дарко Марковиќ. При посетата на Кинотеката, министерот Љутков потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно за државата, но како што истакна, значајно е и да се одржуваат депоата во кои тие се чуваат, како и да се обезбедат средства, по што најави и зголемување на буџетот за оваа национална установа
„Во изминатите три месеци е завршена реставрацијата на дигиталната копија од краткиот игран филм ‘Писмо’, во режија на Васил Христов, а во тек е и дигиталната реставрација на култниот македонски филм ‘Мис Стон’ (1958), во режија на Жика Митровиќ, чија премиера ќе биде на 20 декември. Во 2025 следува и дигитална реставрација на наслови од ‘златното време’ на македонскиот анимиран филм, од 70-тите и 80-тите години на минатиот век на авторите Делчо Михајлов и Дарко Марковиќ, како и на играниот филм ‘Македонска крвава свадба’, во режија на Трајче Попов (1964)“, беше објавено при вчерашната посета на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на Кинотека на Македонија. Притоа беше потенцирано дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно за државата, но значајно е и да се одржуваат депоата во кои тие се чуваат, како и да се обезбедат средства.
„Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти. Затоа е многу тешко да се вратите во кондиција за брзо време“, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.
Директорот на Кинотеката, Бошко Грујовски, пак, додаде дека од 2011 година се дигитализирани околу 80 проценти од филмовите на македонски автори.
„Прво е дигитализиран опусот на Браќата Манаки, документарецот „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков и опусите на најпознатите македонски режисери Столе Попов, Кирил Ценевски, Бранко Гапо, Љубиша Георгиевски, кои се целосно завршени, а останува и дел од филмовите на Трајче Попов…“, истакна Грујовски, кој посочи дека на дигитализацијата во моментот работат само тројца вработени, но и дека се потребни дополнителни средства за да се зголеми обемот на работа со оглед дека Кинотеката годишно може да дигитализира 2-3 долгометражни и 15- 20 краткометражни филма.
Во однос на издавачката дејност, тој посочи дека до крајот на годината од печат треба да излезе и книгата, големо животно интервју на Милчо Манчевски.
Министерот Љутков при посетата на Кинотека ги разгледа и фотографиите на споменикот на културата „Хавзи-пашини конаци“, во с. Бардовци, кој во изминатите години, како што рече, очигледно целосно бил заборавен. При посетата беше истакнато дека изминатите три месеци е расчистен просторот пред депоата во Хавзи-пашините конаци каде што се чува фондот од светската продукција на 35-милиметарски филмови, со што е зголемена безбедноста на објектот и пристапот до зградата во која се чува дел од националното филмско наследство. Направена е и интервенција на водоводната мрежа во Хавзи-пашините конаци и се преземени мерки за санација на проблемот за да се спречи поголема штета.
На средбата со раководството на Кинотеката стана збор и за јубилејот 50 години од започнувањето на нејзината значајна културна активност, кој ќе се прослави во 2026 година, а в. д. директорот Грујоски информираше дека вработените во оваа институција работат и на монографија за Кинотеката по повод прославата на 50-годишнината. Во наредниот период ќе бидат договорени и сите филмски програми, гостувања, изложби и настани за одбележување на годишнината, со цел да се обезбеди пригодна програма во текот на целата јубилејна година.