Дигитализацијата во туризмот битен сегмент за иднината на секторот

34

Дигитализацијата во туризмот е многу битен сегмент, кој се случува сакале ние или не. Таа е дел од нашето работење и колку побрзо и подобро се вклучиме во тој процес толку ќе имаме и подобри резултати, смета деканот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Цветко Андреески.

Во рамките на презентацијата „Дигитални решенија за туризам“ што денеска се одржува на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид, посочи дека претставници од ИТ индустријата и од туризмот ќе разговараат за нивните потреби и можностите што ги нуди дигитализацијата, како и за тоа што може да го искористат за подобро да се позиционираат од својата конкуренција, но и за подобра комуникација со клиенти, туроператори и сите засегнати страни кои работат во делот на туризмот. На тој начин, нагласи, ќе може да понудат поквалитетни и поефтини услуги, но од друга страна врз основа на сите податоци кои ќе ги добијат од дигитализацијата ќе може да направат квалитетна анализа за да видат каде се наоѓаат тие и што можат да напрват за во иднина да ја подобрат својата позиција, своите услуги и комуникација.

– Самиот развој на информациската и комуникациската технологија ја наметнува потребата од дигитализација. Новите технологии и новите генерации на корисници на кои им е природно виртуелното опкружување, користејќи социјални мрежи, резервациски системи итн. Што побрзо се вклучиме во целиот тој процес на пресретнување на потребите на новите корисници тоа подобро ќе можеме да понудиме нови услуги, нов начин на комуникација со клиентите и со тоа подобар развој на туризмот, заклучи Андреески.

Дигитализацијата на туристичкиот сектор, според него, ќе значи повеќе информации и можности за нивна анализа, но и како од неформалната комуникација да извлечеме заклучоци за носење поквалитетни услуги.

Деканот на Факултетот за информатички и комуникациски науки при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“- Охрид Александар Карадимче посочи дека целта на денешната средба е вмрежување на сите засегнати во туристичкиот сектор со дигиталните решенија што тие ги нудат.

– Универзитетот нуди поддршка за развој на сите тие бизнис решенија, кои ќе го олеснат и подобрат процесот, преку развој на ексцелераторска програма, која ќе ги олесни сите пристапи на дигиталните решенија до пазарот, рече Карадимче.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, според директорот Љупчо Јаневски, работи интензивно во дигитализација на туристичкиот сектор од повеќе аспекти.

– Процесот на дигитализација во туристичкиот сектор е започнат. Тој претставува и голем предизвик за туриситичката индустрија и туристичкиот сектор кај нас. Секогаш треба да почнеме од себе да продолжиме понатаму и да влијаеме позитивно. Очекувам во периодот пред нас да имаме уште поголем број мерки, промени, обуки со туристичкиот сектор, повеќе предавања и трибини, рече Јаневски.

Изрази надеж дека АППТ во соработка со Факултетот за туризам и Општина Охрид ќе имаат можност заеднички да аплицираат за финансиска поддршка од ИПА и други фондови со што ќе овозможат алатки и едукации за дигитализацијата и потребите од нејзе.

Заменик амбасадор на Швајцарија во земјава Лусиен Агертер смета дека дигитализација на туризамот е критична за да се добијат високо вредни туристи пред се.

– Во Република Северна Македонија многу е направено за да се дигитализаира туризмот како процес. Но, за некои услуги сеуште е тешко да се направи резервација од гости однадвор онлајн преку веб сајт. Затоа е многу битно да се доведат заедно партнерите и од информатичкиот и од туристичкиот сектор за да се спроведат овие активности, изјави Агертер.

Презентацијата „Дигитални решенија за туризам“ е дел од Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ на швајцарската агенција за развој и соработка, во партнерство со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид и Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.