ДЗР: Утврдени неправилности во пописот на залихите и управувањето со Клиниката за онкологија

8

Неправилности во спроведувањето на пописот на залихите и управувањето со истите, утврдил Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија за 2023 година.

-Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба, соопшти ДЗР.

Во текот на 2023 година Клиниката, како што се додава во соопштението, примила лекови во вредност од 33 милиони денари  по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција.

Во ревизорскиот извештај истакнато е дека состојби во врска со прием, складирање и издавање на залихи на лекови се утврдени и во Конечниот ревизорски извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, за што пред надлежен орган во тек е постапка.