Корона вирусот го вклучи алармот кај македонските граѓани за купување на детските играчки кои се увезуваат од Кина. Се поставува прашањето дали откако се појави вирусот има увоз на кинески играчки во државата и дали тој може да се пренесе преку нив? И покрај тоа што досега повеќе пати беше потврдено дека вирусот не се пренесува преку пратки, туку само од човек на човек, сепак кога станува збор за децата мора да бидеме многу повнимателни и да го отфрлиме и најмалиот сомнеж кој постои.
Експертите велат дека процесот на производство на детски играчки и на транспорт е многу долг така што веројатноста дека тој вирус може да се пренесе преку нив е речиси невозможно. Од друга страна прашање е дали тие играчки се увезуваат од Кина, бидејќи поголемиот дел од нив само се произведуваат таму, а се работи за германски, американски, италијански брендови на играчки кои се увезуваат од тие земји.
Од Државниот пазарен инспекторат за весникот ВЕЧЕР велат дека од декември наваму нема увоз на играчки од Кина, а тоа е пред да се појави вирусот.
-На пазарот се продаваат само оние кинески играчки кои се увезени пред да се појави корона вирусот, односно пред декември. Од декември наваму во нашата земја нема увоз на кинески играчки. Во ноември од Царинската управа побаравме листа на сите увозници на играчки, вклучувајќи ги и електричните тротинети и разните новогодишни украси и реквизити. Потоа направивме инспекциски контроли кај увозниците и кај продавачите на играчки и им наложивме да ги повлечат од продажба оние детски играчки кои беа забранети за употреба, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
Од невладината организација „Новинари за човекови права“ кои имаат повеќе истражувања за безбедноста на играчките кои се продаваат во државата ни потврдија дека кинеските играчки кои се произведуваат во Кина не значи дека и се увезуваат од таму. Најчесто тие се увезуваат од земјите чии се брендовите на тие играчки.
-Ние не увезуваме директно играчки од Кина. Тоа го прават провајдерите, односно оние кои ги имаат купено франшизите за тие брендови на играчки. Така, на пример, играчките Playmobil се германски бренд, а се произведуваат во Кина или L.O.L. Surprise куклите се американски бренд, а исто така се произведуваат во Кина, вели Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“.
Покрај тоа што Босна и Херцеговина и Хрватска го сопреа целиот процес на пратки од Кина, кај нас тоа сè уште не е случај, бидејќи Светската здравствена организација потврди дека вирусот не се пренесува преку пратки, предмети и играчки.
И Доковска смета дека преку играчките не може да се пренесе корона вирусот. Според неа, кај нас многу е поголемо прашањето дали на декларацијата го има составот на играчката и дали се обележани штетните хемикалии. (А.С.)