Детето што синоќа падна од шести кат на зграда во Кисела Вода има сериозни политрауматски повреди, кои вклучуваат повреди на главата, рамото, белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Според изјавата на вршителот на должност директор на Клиниката за детска хирургија, д-р Лазо Јовчески, детето се наоѓа на интензивна нега, под постојан медицински надзор.
„Детето се наоѓа на интензивната нега на Клиниката за детската хирургија. Тоа е во стабилна општа состојба, но со стабилни витални параметри. Има повреди и скршеници на повеќе системи и органи, почнувајќи од главата, рамото, повреди на белите дробови, фрактури на ребрата и карлицата. Дише самостојно, со кислородна поддршка и засега нема индикации дека е потребен оперативен зафат,“ изјави д-р Јовчески за ТВ Телма.
Тој дополнува дека засега не може да се потврди дали детето е целосно надвор од животна опасност, поради сериозноста на повредите и потребата од претпазливост во текот на опсервацијата.