ДЕТАЛНА МЕТЕО АНАЛИЗА ЗА ДО КРАЈОТ НА 2024 ГОДИНА: Многу повеќе сонце, наутро студено, преку ден малку потопло!

53

До самиот крај на оваа 2024 година, односно до вторник ќе имаме претежно стабилно, суво и посончево време. Сепак брзината на ветерот значително ќе се намали, па поради повисокиот воздушен притисок и тивкото време, но и поради зголемената влажност во воздухот, по котлините ќе се создаваат поголеми услови за појава на магла  и на ниска облачност, која ќе биде најизразена во ноќните и во утринските часови, прогнозира Попоски.

Во дел од котлините, особено во оние во Повардарието маглата би можела да се задржи и во текот на целиот ден, па така во овие котлини ќе остане  и постудено со пониски максимални дневни температури на воздухот. И во Скопскиот регион, односно во котлината ќе се создаваат услови за појава на магла  и ниска облачност, а во повисоките делови од котлината, а особено на околните планини ќе биде претежно сончево и тивко.

Што се однесува до температурите, тие наутро ќе бидат значително пониски и ќе биде многу постудено со минимални температури кои насекаде ќе бидат под нулата, а особено во повисоките населени места тие ќе се спуштаат  и до близу -10 степени, додека на високите планини и под -10 степени, додека максималните дневни температури ќе бележат тенденција на постепен но не многу голем пораст, па така снежната покривка на планините  и на Скијачките центри ќе се намалува полека.

Максималните дневни температури на повеќето места ќе бидат под, или близу 10 степени, додека во југоисточните предели тие ќе се искачат  и до околу 12, 13 степени. Во Скопје наутро температурата ќе се спушта до околу -3 степени, а преку ден таа ќе се искачува до околу 8, 9 степени. Во ниските предели од котлината, и тоа поради зголемените услови за појава на малгла и на ниска облачност, температурата ќе биде пониска, вели метеорологот.