Детали од руско-украинскиот договор: Извозот на украинското жито ќе се контролира од Истанбул

122

Целиот процес на контрола на извозот на пченица и земјоделски производи од Украина ќе се врши од заедничкиот координативен центар формиран на Универзитетот на Министерството за одбрана на Турција. Тој се наоѓа во областа Левент, на брегот на Босфорот во европскиот дел на Истанбул.

Во центарот ќе бидат застапени  воени лица со чин полковник или генерал од Турција, Русија и Украина. Таму ќе бидат и претставници на ОН. Не е прецизиран точниот број на составот, но како што изјави шефот на турското Министерство за одбрана Хулуси Акар, претставници на „квартетот“ веќе почнале со работа.

Од „Јени Шафак“ напоменуваат дека во овој центар ќе бидат регистрирани сите трговски бродови кои се занимаваат со извоз на земјоделски производи и тие ќе треба да информираат за природата на стоката што се превезува.

Безбедносната контрола на пловидбата на транспортните правци од трите украински пристаништа – Одеса, Јужни и Черноморск ќе се врши 24 часа на ден. Ако е потребно, за овие цели ќе се користат и дронови. Не е предвидена воена придружба на трговските бродови.