Десет европски автори на „Букстар“, Книжевниот фестивал од 2 до 4 октомври во Скопје

198

Десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од регионот, како и доделувањето на наградите „Драги“ ќе го означат 9. фестивал „Букстар“ (BookStar) кој годинава се одржува од 2 до 4 октомври во Скопје. Наџат ел Хачми од Шпанија, Миљенко Јерговиќ од Хрватска/БиХ, Лидија Димковска од Македонија, Бранко Росиќ од Србија, Драго Гламузина од Хрватска, Луцие Фаулерова од Чешка, Стефан Хертманс од Белгија, Ања Мугерли од Словенија, Франсис Кирпс од Луксембург и Софи Хана од Обединетото Кралство се гости на годинашниот „Букстар“.

Наџат ел Хачми

Свеченото отворање на фестивалот е на 2 октомври, од 19:30 часот во киното „Фросина“, каде македонската писателка Лидија Димковска ќе се обрати со свечената реч под наслов „Со или без Please“. По неа, министерката за култура Бисера Костадиновска Сојчевска ќе ги поздрави гостите, а свое обраќање ќе има и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Македонија кој ќе ѝ ја додели наградата „Букстар“ 2023 на мароканско-шпанската писателка Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“. Следува разговор со добитничката на наградата, која со години се бори за правата на жените, а на тема „Да се биде (поинаква) жена“. Нејзини соговорници ќе бидат Ана Јовковска, новинарка и Александар Маџаровски, поет и преведувач. Од 21 часот во киното „Фросина“ Иван Шопов и Маџаровски со Драго Гламузина и Бранко Росиќ ќе разговараат „за што да биде гласна регионалната книжевност?“

Инаку, прва фестивалска активност на 2 октомври е доделувањето на наградите „Драги“ за 2023, кое ќе се случи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од 14 часот. Во најтесен круг за наградата влегоа преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. На овој настан ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

На 3 октомври, во 12 часот, во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи книжевното читање „Не ме замараш“ со странски и домашни писатели, а во текот на овој и следниот ден (4 октомври) во МКЦ ќе има повеќе разговори и поткасти со гостите-писатели, креативната работилница „Како да се стане слемер?“, како и слем-натпревар.

На „Букстар“ ќе се работи и на стратегија за пробив на македонската и регионалната литература на големите книжевни пазари во Европа, а како што најавија организаторите, тој e и прв книжевен фестивал кој ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ. (Н.И.Т.)