Десетина алкохолизирани и исто толку интервенции на Ургентен за Нова година

47

Мирна ноќ за дежурните екипи на Токсикологија и Ургентен за Нова година во споредба со изминатите години. Мерките и препораките новогодишната ноќ да се помине во домашна атмосфера со најблиските и без групирања придонесе драстично да се намали бројот на повредени и на алкохолизирани кои побарале помош на скопските клиники. Имаше само десетина алкохолизирани и исто толку интервенции на Ургентен за Нова година, за разлика од минатите години кога таа бројка достигнуваше речиси 30.

-Навистина мирна ноќ за дежурните екипи споредено со претходните години. Десетина прегледи и приеми во Ургентниот хируршки центар, споредено со 30-40 изминатите и десетина на Клиниката за токсикологија кој што на еден начин е ургентен интернистички центар исто така многу помалку споредбено со 30-ина кои што биле примени изминатите години што значи дека навистина се почитувале мерките да нема прослави да нема групирање и тоа е една голема заслуга и на граѓаните, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Задоволен од состојбата со малиот број алкохолизирани е и директорот на Клиниката за токсикологија Ридван Бајрами, кој рече дека граѓаните главно се придржувале кон мерките. Само еден од нив бил на 67-годишна возраст, претежно биле млади до 22 години, а најмладиот примен на Клиниката имал 16 години.

-Во текот на новогодишната ноќ имаше 10 пациенти алкохол ни интоксикации акутни, кои сите беа згрижени и пуштени дома. Од тие пет се жени и пет се мажи, а од сите 10, шест беа малолетници исто беа третирани и пуштени дома. Една имаше акутна со наркотици, исто третиран, од друг град и беше пуштен дома, изјави Бајрами.