Депонијата кај Никуштак постојано гори и загадува – се бара нејзино дислоцирање

82

Депонијата веќе 23 години гори и испушта чад, често ги загрозува и животите на патниците што го користат овој пат, бидејќи од маглата што се создава од чадот, ја намалува прегледноста. Пред неколку дена, токму поради чадот од изгорените отпадоци од оваа депонија се случи една сообраќајка, за среќа, без фатални последици. Советот на Општина Липково изгласа дислоцирање на депонијата. Раководителот на депонијата рече дека во моментов не се размислува за дислокација, туку за заѕидување на депонијата, што, според него, ќе ја подобри состојбата

Советот на Општина Липково изгласа дислоцирање на депонијата покрај стариот пат од Арачиново кон Куманово во близина на селата Никуштак, Орланце и Грушино. Освен што е најголем загадувач на околината, оваа депонија станува потенцијален ризик и за граѓаните што го користат патот за сообраќај, кој поминува токму таму.

Депонијата веќе 23 години гори и испушта чад, често ги загрозува и животите на патниците што го користат овој пат, бидејќи од маглата што се создава од чадот, ја намалува прегледноста. Пред неколку дена, токму поради чадот од изгорените отпадоци од оваа депонија се случи една сообраќајка, за среќа, без фатални последици.

Жителите се револтирани од ваквата состојба и се поставува прашањето кој ја полни со отпад и кој ја пали. Очекуваат да се отстрани депонијата и да се најде решение за отпадот со рециклирање, како што, впрочем, се прави во Европа.

И од партијата Алтернатива упатија апел веднаш да се затвори депонијата и да се дислоцира. Оттаму изразуваат жалење за, како што потенцираат, „рамнодушноста на оваа Влада, во која учествува и албанската партија ДУИ, која потроши една предизборна кампања токму со зелено знаменце, а, всушност, го претвори зеленилото во непознат поим за Албанците“.

– За жал, не помалку вина имаат и челниците на Општина Липково, кои пред две години ветија градење еден ограден ѕид на оваа депонија, но од тој проект нема ништо, иако и тоа не е некое решение за проблемот. А кога сме кај ветувањата, ДУИ, во секоја кампања, доаѓаше во оваа зона и ветуваше градење регионална депонија за менаџирање со отпадот, но поминаа веќе 23 години и не само што нема ништо од тоа ветување туку оваа состојба се влоши. Всушност, колку што повеќе ветува ДУИ зеленило толку повеќе се множат дивите депонии во албанските населби, што е уште една потврда дека нивниот ум не е за чист воздух туку за валкани тендери – велат од Алтернатива.

Локалните власти ја префрлаат вината на жителите кои, според нив, фрлаат ѓубре и го палат. Градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, вели дека граѓаните фрлаат ѓубре и го палат.

– Оваа депонија не е создадена денес, оваа депонија беше пред 2-3 години и комуналното претпријатие ја одржува оваа депонија редовно. Општинското јавно комунално претпријатие го фрла отпадот таму, тоа е реалност, но има и некои неодговорни лица, бидејќи таа депонија е на главниот регионален пат за Скопје. Или се враќаат, го фрлаат и потоа го палат ѓубрето, со или без цел, и тоа предизвикува непријатна миризба за сите нас – изјави Еркан Арифи, градоначалник на Липково.

Раководителот на депонијата рече дека во моментов не се размислува за дислокација, туку за заѕидување на депонијата, што, според него, ќе ја подобри состојбата.

– Депонијата е легална, но Општината не е виновна колку што луѓето се виновни, бидејќи таму се фрла отпад. Сум фатил луѓе од Гостивар, од Паланка, од Бутел што фрлаат ѓубре. Не дека ја бранам Општината, не е виновна само Општината, 80 проценти е виновно населението. Многу сме невнимателни, фрламе ѓубре и го палиме. Тоа е проблем – рече Имер Рамадани, одговорен за депонијата.