Традиционално, по повод Светскиот ден посветен на лицата со попреченост, 3 Декември, Општина Делчево во партнерство со образовните институции и детската градинка, ЈЛБ „Илинден“, НУЦК „Никола Јонков-Вапцаров“, Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, „Бравура кооператива“, организираат Денови на хуманост „Дарувај со љубов“ кои започнуваат од утре.
Како што информираат од општината, целта на оваа активност е да се разбуди филантропијата и општествената одговорност и да се подигне свеста за лицата со хендикеп и нивното место во општеството. Активностите имаат заеднички именител – дека нема свет со различности и дека секој еден е важен.
Деновите на хуманост започнуваат со филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ под наслов „Џифони патува во Делчево“, во која учество ќе земат шеесетина средношколци и основци распоредени во два дена со инклузија на лица со попреченост- штитеници на Дневниот центар. Целта на настанот е развој на визуелната култура кај младата публика.
Од 1 декември почнува ликовната работилница во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ каде талентирани ученици и лица со попреченост ќе ги учат тајните на сликарството од стручни лица.
На 2 декември лицата со посебни потреби ќе ја посетат градската библиотека ЈЛБ „Илинден“, каде што ќе се запознаат со богатството од книги и начинот на кој работи оваа институција.
Меѓународниот ден 3 Декември е резервиран за посета на Дневниот центар и промоција на проектот за Клуб за социјална инклузија „Интегра“, но и запознавање со првиот уличен продавач на весникот „Лице в лице“, во Источна Македонија. Далибор е лице со хендикеп и тој се вклучува во семејството на пионерското социјално претпријатие – единственото улично списание „Лице в лице“ , така што првпат овој месечник ќе се продава во Делчево.
Овој ден ќе биде главниот мотив за низа креативни активности кои ќе се одржат во образовните институции со единствена порака да се подигне свеста за лицата со попреченост.
Со претпремиерата на детската претстава „Вистина или лага“, под мотото: „Детски хумор во невреме“ ќе се заокружат настаните во рамките на годинешните „Денови на хуманоста.“
Во организација на НУЦК „ Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, учениците од ООУ„Ванчо Прке“ под менторство на наставничката Маријана Стоименовска, ја подготвија оваа драмска претстава со единствена цел, да дадат позитивен дух и поттик и да се разбие монотонијата во овие денови на пандемијата.
– Со лековита доза на хумор и насмевка на децата и лицата со посебни потреби ќе им подариме нов бран на антитела кај сите нив за да поминат неколку минути со музика и сатира – изјавија младите учесници во претставата.
Деновите на хуманост се реализираат четири години по ред со единствена порака: подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби и придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница.