Денеска Британците гласаат: Конзервативците одат во опозиција, камбек на лабуристите, покажуваат анкетите

147

Британија денеска гласа на вонредни парламентарни избори. Според анкетите, владејачките конзервативци на чело со премиерот Риши Сунак, кој е прв со индиско потекло на таа позиција, треба да се подготват на голем пораз по 14 години на власт. Од друга страна, анкетите укажуваат на враќање на лабуристите.

Истражувањата на јавното мислење  упатуваат дека лабуристите, чија кампања го содржи само зборот „Промена“, ќе освојат апсолутно мнозинство во Долниот дом на парламентот, а нивниот лидер Кир Стармер, поранешен главен обвинител за Англија и Велс, ќе биде новиот британски премиер.

Се смета дека конзервативците на овие избори ќе бидат казнети поради неисполнетите ветувања во последната деценија ипол во која имаа пет премиерски мандати. Проблеми со кои се соочија конзервативните влади се имиграцијата, глобалната финансиска криза, Брегзит и во поново време ковид-19 и рускиот напад на Украина, кој ја поттикна инфлацијата. Според анкетите, на овие избори од вкупно 655 места во Парламентот, конзервативците ќе освојат само 64 мандати, што е најмалку од формирањето на партијата во 1834 година и губење на клучните области во земјата како Лондон, североистокот и Велс.

За нив особено е опасна  десничарска партија „Реформисти Обединето Кралство“ на Најџел Фараж кој ги презема гласачите на ториевците. Тој ја водеше кампањата за Брегзит, а речиси три децении беше лице на евроскептицизмот во Велика Британија.

Се очекува централно-левичарските лабуристи на Кир Стармер да освојат 422 места во парламентот.

Ова се предвремени избори што ги распиша Сунка, надевајќи се на подобро. Британците се незадоволни од владеењето на неговата партија пред сè од економските политики.