Дел од колачот од канабисот ќе оди за лекови за ретки болести   

Со предложените законски измени компаниите кои ќе стекнат лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат 10 отсто од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи, на соодветна сметка, како приход во буџетот на државата. Парите ќе бидат искористени за лекови наменети за пациентите со ретки болести и други приоритети во здравството

148

 

Владата на последната седница го утврди предлог-законот со кој ќе се дозволи одгледување канабис за медицински цели. Законот, чија цел е контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, како и спречување и сузбивање на нивна злоупотреба, ќе биде ставен на јавна расправа.

Според предложениот текст, канабис за медицински цели ќе може да одгледуваат само правни лица кои имаат одобрение од Министерството за здравство, добиено по претходна согласност од Владата. Владата ќе ја одобрува и секоја измена во сопственичката структура на правните лица.

Во текстот на Предлогот, како што информира владината прес-служба, се наведува дека компаниите кои ќе стекнат лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат 10 отсто од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот на Република Северна Македонија. За овие средства, како прилив во државниот Буџет, Владата ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.

Дел од овие средства ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана во согласност со овој предлог-закон.

На ова тема деновиве  реагираа од здружението „Макканабис“, од каде што сметаат дека со Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции треба да се дозволи извоз на цвет од канабис, да не се бара банкарската гаранција од милион евра, одгледувачите да не се обврзуваат да уплатат 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка, фирмата да нема обврска да вработи минимум 15 лица и да се изготви посебен закон за канабис. Според нив од извозот на цвет од канабис државата би имала огромна добивка.

Но од здружението смета дека воопшто не е потребна банкарска гаранција, затоа што како приватни субјекти кои инвестираат, продуктот не се продава на Владата ниту пак таа овозможува било какво субвенционирање.

Што се однесува за уплатата на 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка тие реагираат дека ваква давачка не постои во ниту една земја на светот. Појаснуваат дека има одредени давачки во другите земји каде канабисот е наменет за рекреативни цели, но не и на оној што е наменет за медицината како лек. Од здружението го поздравуваат формирање на нова агенција за канабис, оти како што велат ако како производители директно комуницираат само со таа нова агенција, наместо со како до сега со ВЛАДА, МЗ, МАЛМЕД, МЗШВ ќе можат да реагираат за сите проблеми со кои ќе се соочат и ќе може да ги решаваат навреме.

Од здружението, исто така, сметаат дека треба да се мотивираат аптеките да набават од производителите масло и сами да го прават мешањето на концентрациите, како што е и во земјите од ЕУ. „Маккабанис“ го поздравува овозможувањето на одгледување на индустриски коноп како земјоделска гранка и сметаат дека треба да има посебен Закон за канабис.

На светско ниво постојат големи играчи кои произведуваат канабис и масло за медицински цели. Анализите велат дека се работи за огромна сума на пари и растечки пазар, а бизнисот со канабисот до 2025 година ќе порасне на огромни 146,6 милијарди долари.

(В.Ма.)