Април 2024 година е крајниот рок за завршување на изградбата на филтер-станицата за прочистување на водата за пиење во Делчево. Станува збор за капитален инфраструктурен објект, со кој се воспоставува квалитетен водоснабдителен систем за општината.

Станува збор за повеќегодишен проект што се реализира врз основа на билатерален договор на Владата, која преку МЖСПП го склучи со Швајцарската конфедерација за обезбедување на финансиски средства и техничка помош.

– Учеството на Министерството за животна средина е околу 1,3 милиони швајцарски франци и со нив е реконструирана постојната застарена водоснабдителна мрежа, која е проширена со приклучок на селата Ѕвегор и Габрово кон водоснабдителниот систем. Проектот е повеќекомпонентен и е пример како со добра соработка и вградување на зелената компонента, примената на најдобродостапни технологии и ориентирање кон користење на обновливи извори на енергија можат да се постигнат повеќе придобивки – рече Шукова.

Филтер-станицата за прочистување на водата, користејќи ја сончевата енергија, во голем дел ќе ги покрие потребите за електрична енергија за бунарите и на самата Филтер-станица со што се обезбедува финансиска заштеда и енергетска ефикасност.

МЖСПП обезбеди и 24 милиони денари за изградба на водоснабдителен систем и во селото Вирче во Општина Делчево.

– Во моментот се очекува изработката на проектната документација, по што МЖСПП ќе ја спроведе тендерската постапка. Проектот треба да се реализира во тек на наредните две години, 2024 и 2025 година и со тоа комплетно ќе се обезбеди чиста вода за пиење за Делчево и другите населени места во општината. Владата преку МЖСПП интензивно вложува во обезбедување рамномерен развој на општините, заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните – нагласи Шукова.

Од заемот на Европската инвестициска банка за изградба на нови и подобрување на системите за снабдување со вода за пиење и системите за собирање, одведување и третирање на отпадните води во сите населени места во државата, за Делчево се обезбедени 573 илјади евра за регулација на речното корито на река Брегалница во должина од 500 метри и реконструкција на каналот за наводнување.

Во рамки на активностите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, општина Делчево со помош на ЕУ фондовите преку проектот „Затворање на непрописните депонии и ѓубришта во Источниот регион“ ќе добие камион за транспорт на отпад и 169 контејнери, а од средствата собрани од наплата за користење на пластични кеси, ќе се обезбедат 47 канти и 19 контејнери за оваа општина.

За наредната 2024 година, во Делчево ќе биде регулирано речното корито на Брегалница, којшто ќе се протега од пешачкиот мост до мостот на улица „Индустриска“.