Делчево се исчисти од расфрланото ѓубре

78

Во Делчево се реализираше екоакцијата „За почисто Делчево” што се спроведе во соработка со локалните институции, граѓаните и ЈПКД „Брегалница”, а со која беа опфатени неколку локации, како во градот така и во населените места.

– Екоакцијата „За почисто Делчево“ ја организиравме во партнерство со сите граѓани, а со неа беа опфатени пешачката патека „Илин камен“, улица „Индустриска“ од мостот до булевар „Македонија“ и улица „Кеј на Брегалница“. Исто така, се чистеше дивата депонија кај село Габрово и Ралева Чука. Во акцијата освен граѓани, беа вклучени и од ЈПКД „Брегалница“, како и од неколку други институции – информираа од Општина Делчево.

Со цел да се зголеми свеста за зачувување на животната средина, од таму апелираа за поголема одговорност од страна на граѓаните.

– Нарушувањето на екосистемот, ѓубрето расфрлано насекаде, дивите депонии кои редовно се чистат и повторно се создаваат, не само што претставуваат опасност по здравјето на сите нас, туку ја нагрдуваат сликата на нашата општина и на нашиот град, кого природата го дарувала несебично со природни раритети и убавини. Затоа грижата за здрава животна средина и чиста околина треба да биде наш приоритет, но и обврска на секој поединец – додадоа од Општината.