Се помалку новороденчиња се раѓаат во родилното одделение при Здравствениот дом во Делчево. Иако домот ги има сите потребни услови за породување, како што вели директорката на установата Марија Глигоровска, поради недостиг од анестезиолог, родилките не ризикуваат и најголем дел од нив се породиле во медицинските центри во Кочани, Штип и Скопје.
– Иако нашето одделение е секогаш спремно за породување на родилки, трендот на породување во последните неколку години вели дека децата се раѓаат надвор од Делчево. Ретко која мајка одлучува да се породи овде, освен кога ситуацијата налага родилката да не може да стигне до медицинските центри надвор од Делчево, па таа се породува во нашето родилиште. Иако имаме добра соработка со нашите двајца гинеколози, кои за секое раѓање доаѓаат дури и да не се работи за нивни пациенти, тие секогаш се одѕиваат и навреме стигнуваат за породување. Исто така, имаме одговорна акушерка која работи на Брзата помош и со тоа можам да кажам дека одделението е секогаш исчистено, стерилизирано и подготвено да прими трудница за раѓање. Фактот што ние немаме анестезиолог прави да бидеме далеку од целосно опремен центар и затоа жените вне сакаат да ризикуваат, често се решаваат за царски рез и се повеќе одлучуваат да се породуваат во болнички услови, а не во здравствени домови – вели Глигоровска.
Иако во многу здравствени домови во Македонија родилните домови се затворени, во Делчево нема да биде затворен, бидејќи како што вели Глигоровска, се уште условите се добри за да и во делчевското родилиште се врши породување.
– Родилниот дом нема да го затвориме, затоа што имаме услови, имаме родилна сала со родилни столови, имаме болнички кревети, имаме гинеколози, обучени акушерки и во случај некоја жена да роди, имаме услови родилките да бидат породени и во нашето родилиште – додава Глигоровска.
Директорката на делчевскиот здравствен дом со гордост се сеќава кога во Делчево се раѓале од 500 до 600 деца, за разлика од сега кога бројката на новороденчиња кои овде се раѓаат е драстично намалена.
– Сите знаеме дека населението се намалува, се повеќе младите одат надвор, остануваат многу малку млади, сведоци сме во малите места дека се прават свадби, но децата се раѓаат во странство. Тоа е факт и таквото нешто не може да се контролира. Јас во делчевскиот здравствен дом работам 37 години и морам да кажам дека родилното одделение на почетокот работеше со полн капацитет, овде се раѓааа по 500 – 600 деца годишно, во повеќето случаи по две мајки лежеа во еден кревет.
Капацитетот беше отсекогаш полн, за разлика од сега, кога сите знаеме знаете дека миграцијата си го направи своето, особено на Балканот. Луѓето се иселуваат насекаде, во Дубаи и Австралија, на пример, имаме многу наши деца – објаснува Глигоровска.
Во очекување на првото новородено бебе во 2019 година во Здравствениот дом во Делчево, статистиката вели дека во 2017 во Делчево вкупно се регистрирани 115 деца од кои само неколку се родиле во делчевското родилиште. Во 2018 година од 103 новороденчиња само 4 се родиле во делчевскиот здравствен дом.