Делфина се исправи меѓу легендите

500

Сè уште се шпекулира за причините за смртта на ѕвездата на југословенската кинематографија, српската актерка Неда Арнериќ, а поголем број од српските медиуми не ја исклучуваат можноста дека можеби таа посегнала по својот живот, поради депресијата со која подолго време се борела по смртта на нејзиниот сопруг Милорад Мештеровиќ, кој почина од тешка болест минатата година

Познатата српска, филмска и театарска актерка, ѕвездата на југословенскиот филм, Неда Арнериќ (67), засекогаш замина во легендите. Актерката, која на македонската јавност ѝ беше најпозната по филмот за македонската пливачка Атина Бојаџи „Исправи се Делфина“ во режија на Александар Ѓурчинов, во петокот беше пронајдена мртва во нејзиниот дом во населбата Врачар во Белград од страна на нејзиниот брат. Сè уште се шпекулира за причините за нејзината смрт, а поголем број од српските медиуми не ја исклучуваат можноста дека можеби таа посегнала по својот живот, заради депресијата со која подолго време се борела по смртта на нејзиниот сопруг Милорад Мештеровиќ, кој почина од тешка болест минатата година.

Нејзините колеги, меѓу кои Богдан Диклиќ, Светлана Бојковиќ, Горица Поповиќ, Радош Баиќ, во шок и неверување се простуваат од својата колешка. „Неда беше одлична актерка и со право до нејзиното име може да стои епитетот легенда. Не работевме многу заедно, но се среќававме преку работата. Таа се врати на работата, и во последно време се чинеше дека ѝ е подобро. Голема загуба за српската култура“, вели Горица Поповиќ.

Не успеа да ја добие битката со депресијата…

Во последниве години, актерот Феѓа Стојановиќ, пак, ја делеше сцената со сега веќе покојната Арнериќ. Во моментите кога тие не настапувале, разговарале пријателски, а Неда честопати му велела дека се бори со подмолната болест.

Како што Феѓа Стојановиќ ја раскажува приказната за српски „Блиц“, актерката која повеќе од педесет години помина во светот на кинематографијата, не успеала да ја добие битката со депресијата. „Игравме многу за време на нејзината кариера, последниве години ја игравме претставата ‘Се извинуваме, многу се извинуваме’. Таа апсолутно ја сакаше. За сите овие години поминуваше низ неверојатни фази. Во последните неколку години, таа беше најмногу погодена, најпрво од болеста на нејзиниот сопруг, а потоа и од неговата смрт. Искрено, таа беше многу помалку во добро расположение, а честопати во депресивно. Се обиде да се самоубие пред неколку години, причината беше нејзината состојба“, ја започнува приказната актерот кој додава дека тој сè уште не собрал храброст да разговара со братот на Неда и вели дека смета дека нејзината смрт е последица на лековите кои го земала.

„Не знам како починала, дали се обидела да си го одземе животот или станува збор за природна смрт. Нејзиниот живот беше огромна депресија, таа често ми велеше дека е под лекови, дека оди на психијатар. Можеби нејзината смрт беше само резултат на сите оние лекови што ги земаше. Депресијата беше зло во нејзиниот живот. Во нејзината глава се измешаа многу работи. Таа имаше таков живот, а најголемиот проблем беше што прескокна многу фази во животот. Таа немаше детство, како девојче не излегуваше туку снимаше и работеше многу, а тоа остава многу последици кај човекот, за што и самата кажуваше“, вели Стојановиќ. Кога тие последен пат ја изиграле претставата, Неда се брзала да се подготви за патување, бидејќи со нетрпение очекувала да замине во Индија, каде што отишла за преку медитација и јога да си помогне за лекување на депресијата. „Пред еден месец бевме на гостување, видов дека е целосно закрепната. Не беше баш старата Неда, но се чинеше дека е подобро. Таа ми рече дека тоа е затоа што отишла во Индија на патување со јогини каде поминала месец и половина. Потоа, таа отиде во Австрија на скијање, бидејќи таму има станче. Се слушнавме и ја прашав како е… Ми рече: ‘Не е така како што очекував, но закрепнав. Мои пријатели се тука, па не можам да разговарам. Ќе се слушнеме…’ Никогаш потоа не се слушнавме“, додава актерот.

Инаку, како што пишуваа медиумите, актерката два пати се обидела да си го одзеде животот. Пред четири години, таа паднала од тераса на лимен покрив и се здобила со сериозни повреди. Се шпекулира дека самата сакала да се повреди. Вторпат, на 27 февруари минатата година, таа испила 20 апчиња за смирување во комбинација со лекови за хипертензија и се срушила во нејзиниот стан.

Глумеше во култните „Сутјеска“,„Отпишаните“, „Ко то тамо пева“…

Родена на 15 јули 1953 година во Књажевац, Неда Арнериќ имаше богата актерска кариера. Во текот на филмската кариера реализираше голем број улоги како во југословенски, така и во копродукциски филмови. Арнериќ уште од млада возраст посетувала часови по актерство и балет, а нејзината прва значајна улога ја добила на 13-годишна возраст кога глуми во филмот „Сон“ на режисерот Пуриша Ѓoрѓевиќ во 1966 година. Арнериќ следната година сними уште два филма, а се здоби со статус на ѕвезда во Југославија со ролјата во филмот „Вишња од Ташмајдан“ од 1968 година. На 16-годишна возраст се запишала на Драмската академија во Белград, која никогаш не ја завршила. Подоцна, по барање на нејзините родители, се запишала на историјата на уметноста на Филозофскиот факултет. Глумеше во култните филмови „Сутјеска“,„Отпишаните“, „Госпоѓа министерка“. Таа ја игра младата невеста и во култниот „Кој тоа таму пее“ (Ко то тамо пева) на режисерот Слободан Шијан снимен 1980 година. Настапи и во македонските филмови „Истрел“, „Колнати сме, Ирина“ и „Исправи се Делфина“.

За улогата во филмот „Исправи се, Делфина“, добитник е на Сребрена арена на Филмскиот фестивал во Пула во 1977 година, а наградена и со наградата „Царица Теодора“ во Ниш.

Инаку славната актерка помина повеќе од 35 години во хармоничен брак со Милорад Мештеровиќ. Таа во текот на животот имаше три брака. Неда беше во љубов и со режисерот Дејан Караклајиќ, со кого ја направи хит комедијата „Љубовниот живот на Будимир Трајковиќ“, но и со легендарниот актер Раде Марковиќ, со кого имаше 32 години возрасна разлика и тоа беше „забранета љубов“.

Неда Арнериќ неодамна настапи во Битола

Со театарската претстава „Се извинуваме, многу се извинуваме” на 14 октомври минатата година Неда Арнериќ настапи и на големата сала на Центарот за култура во Битола. Меѓу бројната публика во Битола беше и македонскиот актер Диме Илиев, со кого пред 43 години настапија во филмот „Исправи се Делфина“. Тие по 20 години повторно се сретнаа во Центарот за култура во Битола. Средбата на која Илиев ѝ подари цвеќе на Арнериќ публиката ја поздрави со долг аплауз.