Дела од 25. Интернационална кичевска ликовна колонија во Куманово

113

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложба на слики од 25. Интернационална кичевска ликовна колонија. Делата се слики работени во техниката масло и акрил на платно, но има и графики и скулптури.
На оваа реномирана колонија, којашто се организира во „Куќата на уметноста“ на локалитетот Кнежино во Кичево на 25-тото издание учествуваа дваесетина уметници од земјата и од странство.
Колонијата е под покровителство на АД „Тајмиште“ – Кичево и во својата колекција има над 900 дела. Претставувањето на 25. Интернационална кичевска ликовна колонија во Куманово е дел од годишната програма поддржана од страна на Министерството за култура и ќе биде поставена за целиот период на времетраењето на Меѓународниот фестивал „Денови на комедијата 2019“ до 15 октомври годинава.