Дела на македонски стрип-автори на 13. Стрип-фестивал во Краков, Полска

39

Неколкумина млади стрип-втори од Македонија, преку нивните стрип-дела учествуваа на 13. Стрип-фестивал во Краков, Полска. Тоа се: Ангела Петрушевска, Методија Стојановски, Матеа Аризановска, Славица Купенкова, Ѓоре Ѓелев, како и Војдан Андонов и Цанко Стефанов (од групата ПАРАГОНС). Овој фестивал се одржа од 22 до 24 март.

Како што информираше Томе Трајков од Македонскиот стрип-центар од Велес, оваа изложба и каталог се продукт на соработката започната во август 2023 и гостувањето на стрип уметници од земјите на Вишеград групата на Стрип-колонијата во Велес.

Инаку, Стрип-фестивалот во Краков е најголемиот годишен состанок на љубителите на стрипови, илустрации, анимации и други форми на визуелно раскажување приказни во јужна Полска. Програмата на секое издание вклучува атракции за сите возрасни групи: средби со автори, панели за дискусија, предавања, работилници, косплеј шоуа и изложби. Јадрото на програмата на 13. фестивал на стрипови во Краков се состои од средби со уметници од Полска, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија и Аргентина, а има и индивидуални и групни изложби со уметници од целиот свет. Фестивалот вклучува и стрип прошетки низ Краков. Организатори на Фестивал на стрипови во Краков се Здружението на стрипови во Краков, Фондацијата музеј на стрипови и Канцеларијата на фестивалот во Краков – оператор на програмата Град на литературата на УНЕСКО во Краков и палатата „Потоцки“.