Дигитални инсталации на познатиот француски сликар Клод Моне моментално се изложени во виенската „Маркс Хале“. По Берлин и германскиот град Mühlheim an der Ruhr, и во главниот град на Австрија можно е да се дознае повеќе за овој импресионистички уметник со посета на мултимедијалната изложба „Градината на Моне“. Уникатниот концепт на изложбата, реализиран со најсовремена технологија, го носи посетителот на патување низ минатото и делото на еден од најголемите уметници од минатиот век. Инсталации и проекции во комбинација со музика ги прикажуваат делата и богатиот свет на бои од досега невидена перспектива и ја прават креативноста на Моне жива и опиплива.

– Задачата на уметникот е да го претстави она што се наоѓа помеѓу објектот и уметникот, имено убавината на атмосферата – рекол Моне.

На првата станица на изложбата може да се истражи студиото на Моне. Посетителите може да се нурнат во светот на неговата перцепција, техниките на сликање и концептуалната уметност и да ги искусат централните теми, како што се светлината, сенката, ветрот и водата како рефлектирачки површини на нов начин. Следната станица е градината на Моне, светски позната градина во Живерни, Нормандија. Потоа може да го видите мостот што води до куќата на Моне, каде што е поставена голема интерактивна ѕидна инсталација.

Врв на изложбата е изборот од најпознатите уметнички дела на Моне, како „Дамата во зелен фустан“, претставен на уникатен начин. Набљудувачот е во средината на сликите и станува дел од сценографијата, а уметничките дела комуницираат со него. Изложбата останува отворена до 22 јануари 2023 година. Фото: Принт скрин (Ф. Липиарски)