Во Даутпашин амам, на 19 ноември (20 ч.) ќе биде отворена изложба посветена на  доајенот на современото македонско сликарство Вангел Коџоман (1904-1994), која ќе биде реализирана по повод 120 години од неговото раѓање. Публиката ќе има можност преку неговите дела да се потсети на едно минато време забележано со вештата сликарска рака. Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.

Творештвото на Вангел Коџоман грубо може да се подели на два временски периода: пред Втората светска војна до 1950 и од 50-тите до 90-тите години. Првиот е период кога во неговите дела се забележува академскиот реализам, како и постимпресионистичкото влијание од белградската ликовна школа, додека вториот се карактеризира со веќе формиран личен колористички експресионизам кој преовладува во неговите дела, а со елементи од фовистичкото сликарство. Се чини дека не постои тема која тој не ја обработува или, пак, не се обидува да ја стави на хартија, на платно. Масло, пастел и акварел се техниките со кои ги работи своите дела на темите: актови, портрети, пејзажи, мртви природи, како и дела со мотиви од староградската архитектура, дела со социјална тематика и дела со историска содржина. Сепак, најпрепознатлив е по пејзажот и портретот, во кои ги остварува своите најголеми и најзначајни дела.

Ликовниот опус на Вангел Коџоман е голем. Пред сè, тоа се должи на неговата мисла дека уметноста треба да биде меѓу луѓето, дека таа му припаѓа секому и дека не треба да биде ничија привилегија. Третманот на сите техники во кои се изразува за него имаат иста важност и вредност, како и темите кои ги обработува во текот на својот творечки живот, што ќе го одбележи како особено плоден автор, препознатлив и запаметен како сликар на македонското поднебје.

Улогата на Вангел Коџоман ќе остане забележана и високовреднувана во историјата на македонската уметност.

Куратор на изложбата, која ќе биде поставена до 20 декември, е Александра Зиновски Вилиќ.

 

ИЗДВОЕНИ